Општина Центар лидер во спроведувањето на социјалните реформи

48

Општина Центар во изминативе четири години е лидер во спроведување на социјалните реформи на ниво на општини. Заедно со Здружението „Хуманост“, преку проектот „Нега плус“ им помагаат и им пружаат нега во домашни услови на стари лица на возраст над 62 години. – Сметаме дека она што го прави Општина Центар, треба да биде пример за останатите општини, истакнаа од „Хуманост“

 

Општина Центар во изминативе четири години е лидер во спроведување на социјалните реформи на ниво на општини. Заедно со Здружението „Хуманост“, преку проектот „Нега плус“ им помагаат и им пружаат нега во домашни услови на стари лица на возраст над 62 години. Помошта која се состои во обавување на нивните секојдневни активности, подготовка на храна, набавка на продукти, лекови, со цел да им се овозможи тие подолго да останат во своите домови и да немаат потреба од институционално сместување.

Ова беше потенцирано на средбата на вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, претставници на Министерството за труд и социјална политика, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претставници на здружението „Хуманост“ со членови на Сојузот на здруженијата на пензионери.

– Разговаравме за тоа кои работи до сега се направени за пензионерите во Општина Центар и што уште треба да се преземе. Во изминатите четири години покажавме дека успеавме да издвоиме свои средства и преку проектот „Нега плус“ со невладината организација „Хуманост“ да овозможиме грижа и нега на старите лица – потенцираше Богдановиќ.

– Сметаме дека она што го прави Општина Центар, треба да биде пример за останатите општини – истакнаа од „Хуманост“.

Дополнителната министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, информираше за новите реформи во социјалната заштита, а тоа е испораката на услуги на најранливите категории, вклучувајќи ги и пензионерите во 27 општини.

– Се работи за услуги на нега и помош во домашни услови на над 1.500 корисници. Во наредниот период, МТСП со партнерите како Светска банка, планира системско развивање на услугите како помош и нега во домот. Обезбедивме над 10 милиони евра и во тек е развојот на проектни апликации со општините за да се обезбеди квалитетен и достоинствен живот за сите наши сограѓани, особено за највозрасните – рече Шкријељ.

Вицепремиерката Царовска истакна дека во Пензискиот фонд успеале да заштедат 3,7 милијарди денари, ја зголемиле просечната пензија за 824 денари, а во 2020 година, заради економскиот раст и растот на платите, да им дадат дополнителни 722 денари на секој од вкупно 324.000 пензионери.

– Благодарение на програмите и Светски банка, обезбедивме дополнителни финансиски средства, со општините развиваме услуги за помош и нега на старите лица. Даваме и социјални пензии во износ од 6.000 денари на 6.611 најранливи корисници на возраст од над 65 години, што досега немале можност да го добијат. На тој начин тие нема да зависат од семејството, од нивните деца – нагласи Царовска.

Таа додаде дека се разговарало во наредниот период минималните пензии да се зголемат до 10.700 денари.

– Ако најниската пензија достигне до 10.700 денари, тоа ќе овозможи да растат и другите пензии и да се усогласат со економскиот раст на државата – изјави Царовска.

(А.П.)