Општина Центар конзервира и реставрира 18 излози во Старата скопска чаршија

128

Проектот се реализира во соработка со Министерството за економија кое учествува со 1.800.000 денари. Како што информираат општинските власти, вкупниот износ за реализација на проектот е 3.300.000 денари, а Општина Центар учествува со 50 проценти

Општина Центар во соработка со Министерствотo за економија и во согласност со Програмата за развој на туризмот за 2020 година, го започнаа проектот за конзервација и реставрација на излозите и рекламите на 18 дуќани во Старата скопска чаршија.

Како што информираат од Општина Центар, конзервацијата и реставрацијата се одвива на улиците „Подграѓе“ и „Казанџиска“ во Старата скопска чаршија, а станува збор за дотраени и уништени излози на дуќани.

Според општинските власти, градежните активности опфаќаат фасадна столарија, а планирано е да завршат во наредните 30 дена.

Вкупниот износ за реализација на проектот е 3.300.000 денари, а Општина Центар учествува со 50 проценти од средствата. Тоа се пари планирани со буџетот на Општината за 2020 година, наменети за култура.

– Соработката помеѓу локалната и централната власт е од особено значење за поддршка на проекти кои имаат цел да го унапредат економскиот развој во нашата држава. Ние како Општина Центар, со овие субвенции од страна на Министерството за економија, овозможуваме реставрација на Старата скопска чаршија, задржувајќи ја нејзината автентичност, како атрактивна туристичка локација за нашите граѓани и странските туристи – потенцираат општинските власти .

Како што информираше Беким Хаџиу, раководител на Секторот за туризам во Министерството за економија, за реставрација и конзервација на излозите и рекламите на дуќаните во Старата скопска чаршија, од нив се издвоени 1.800.000 денари.

– Освен средствата на Општина Центар и е предадена целосната проектна документација, како и одобрението за реставрација и конзервација од Конзерваторскиот центар Скопје – изјави Хаџиу за весникот ВЕЧЕР.

Според него реализацијата на овој проект би требало да заврши до крајот на годината.

Ваков проект во соработка со Министерството за економија, реализираше и Општина Чаир. За таа цел оваа Општина од министерството доби 9.700.000. При тоа се реставрираат излози и реклами на 97 дуќани.

– Реализацијата на овој проект од страна на Општина Чаир е при крај. Остануваат уште два до три излози, така што наскоро овој проект би бил завршен – потенцира Хаџиу и додава дека нивната проценка за просечното чинење на еден излог е 100.000 денари.

Тој вели дека ваков проект се реализира и во Битола, каде треба да се реставрираат и конзервираат 38 излози на дуќани и во Охрид седум излози.

(А.П.)