Општина Центар го затвори кафе-барот „Интермецо“

66

Согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар донесе решение со кое на правниот субјект „Фор Фингерс“ ДОО Подружница бр.1 Интермецо Скопје му се забранува да врши угостителска дејност во законски определен рок од 30 дена.

Како што соопшти денеска Општина Центар, по пријава и континуирани поплаки од страна на жителите, констатирано е дека локалот и правниот субјект „Интермецо“ ги надминал пропишаните гранични вредности на правото на бучава.

На правното лице, како што се наведува, за кое веќе му е изречена глоба во износ од 6.000 евра и поради повторно непочитување на законските одредби, на кафе-барот „Интермецо“ му се изрекува забрана за вршење дејност.

Од Општина Центар апелираат до сите угостителски објекти да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина и да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за дозволеното ниво на децибелажа.

Најавуваат дека во интерес на граѓаните и за подобрување на начинот на живот продолжуваат со редовни и засилени контроли, согласно своите надлежности. Посочуваат дека ќе преземат поригорозни мерки за санкционирање на сите правни лица – угостителски објекти кои нема да ги почитуваат законските прописи.