Општина Кичево ќе додели стипендии на 50 студенти

126

Четврта година по ред Општина Кичево на 50 студенти ќе им додели стипендии, кои ќе ги користат во претстојната академска година.

За таа цел Oпштинa Кичево објави конкурс во дневните весници и на својата веб- страница за да можат да се пријават заинтересираните бруцоши или студенти од повисоките години.

– За да ги стимулираме младите од нашата општина во што поголем број да студираат и во исто време да бидат добри студенти и оваа календарска година ќе доделиме 50 стипендии. Стипендиите се однесуваат на две категории академски граѓани и тоа за студенти со висок просек во студирањето ќе бидат доделени и 25 стипендии и исто толку стипендии ќе бидат доделени на студенти со тешка економска состојба и на кои оваа стипендија ќе им биде добредојдена за да им го олесни студирањето – истакна Емин Насуфи од Општина Кичево.

Тој посочи дека интересот за овие стипендии ќе биде голем, како што беше случај и претходните години.

-Како и претходните години така и годинава очекуваме интересот за студентските стипендии да биде голем. Висината на стипендиите ќе изнесува 3 000 денари, која ќе им биде исплаќана на студентите за период од осум месеци, во претстојната академска година или за секој студент општината ќе обезбеди по 24. 000 денари – вели Насуфи.