Општина Карпош ќе доделува субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети

135

Со вкупен фонд од 700.000 денари кои ги обезбеди од својот буџет, Општина Карпош денеска ја започна акцијата за субвенционирање при купување на нов велосипед, електричен тротинет и електричен велосипед. Притоа, локалната самоуправа ќе субвенционира до 30 отсто од цената на купување на нов велосипед, или во максимален финансиски износ, најмногу до 3.000 денари, како и купување на електричен тротинет и електричен велосипед со субвенционирање до 30 проценти од цената, односно најмногу до 5.000 денари.

-Во овој случај, право на субвенционирање во оваа акција ќе има секој полнолетен жител на општина Карпош, кој ќе купи нов велосипед или електричен тротинет и електричен велосипед започнувајќи од вторник 21.03.2023 година. Оваа акција ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства, при што ќе важи принципот “прв дојден, прв услужен“, појаснуваат од Општина Карпош.

Во рамки на процедурата, апликантите за субвенции треба да  достават барање за субвенција за купување на нов велосипед или електрични тротинети и велосипеди, изјава за согласност за обработка на лични податоци, лична карта (фотокопија), трансакциска сметка (фотокопија), фискална сметка за купен велосипед или електричен велосипед и тротинет, кој е купен не порано од денеска.

-Во оваа пригода ги известуваме жителите на Карпош кои веќе оствариле право на субвенција и добиле средства од Град Скопје за тековната година, дека немаат право да учествуваат по огласот. Инаку, граѓаните можат да аплицираат за субвении преку писмен и електронски пат. Имено, барањата со комплетната документација можат да ги доставуваат физички до архивата на Општина Карпош или пак електронски, преку мобилната апликација М-заедница (достапна за IOS и Android), како и на веб страницата mzaednica.mk при што е потребно секој од горенаведените документи да биде скениран и прикачен на соодветното место, се вели во денешното соопштение на Општина Карпош.

По поднесувањето на документите, подносителите во писмена форма ќе бидат известени дали ќе бидат корисници на предвидените средства за субвенција за купување на нов велосипед, електричен тротинет и електричен велосипед. Правото на субвенција е еднократно а за дополнителни информации граѓаните можат да се обратат кај координаторот на проектот – Марко Петрушевски, на контакт телефонскиот број: 078 486 063