Општина Карпош и Здружението „Дневен центар Доза Среќа“ потпишаа Меморандум за соработка

42

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска потпиша Меморандум за соработка со Здружението „Дневен центар Доза Среќа“. Со Меморандумот се предвидени заеднички активности за инклузија, интеграција и унапредување на квалитетот на животот на децата и лицата со хендикеп, попреченост и посебни потреби.

-Соработката се темели на размена на информации, искуства, и консултации при процесот на креирање на локалните политики на Општината, поврзани со унапредување на правата на децата и лицата од целните групи, како и нивните семејства. Меморандумот опфаќа повеќе општи и специфични цели, меѓу кои се вбројува и заедничкото аплицирање во национални и интернационални фондови за обезбедување на финансиски средства, за инклузија и интеграција на граѓаните од оваа социјална категорија, информираат од општината.

Додаваат дека соработката ќе биде насочена и кон промовирање и развој на социјалното претприемништво, вклучително и формирање на заштитни друштва за вработување на лица од овие целни групи, како и во насока на развивање на програми за обука и специјализација на стручен кадар, за практична работа со децата и лицата со попреченост.

Потписниците на Меморандумот се согласни и за развивање на програми за неформално образование, развој на животни и работни вештини, како и обука и специјализација на лицата од целните групи.