Општина Гостивар урива бесправно изграден објект

98

Градежни работници со овластување од општина Гостивар започнаа со уривање на објект за кој од претходно е утврдено дека е дивоградба. Уривањето е дел од иницијативата на локалните власти за справување со нелегалното градење.

– Инвеститорот и изведувачот на работите во повеќе наврати е известен за прекршување на законите. Има записници за запирање на работите од овластен градежен инспектор, за затворање на градилиштето. Но, од нејасни причини тој продолжува со градбата. За овој дел од градот каде е објектот нема донесено измени. Доколку и во оваа фаза не ги прекине активностите, ние ќе му поднесеме и кривична пријава – изјави Назми Јусуфи , секретар во Општина Гостивар.

Тој појасни дека инвеститорот бил доведен во заблуда од други лица дека може да гради без да ја обезбеди потребната градежна дозвола и другите документи. Евентуалната легализација би настапила со донесувањето на измените на ДУП-от.

Инвеститорот, по телефон изјави дека станува збор за селективна примена на законите и дека позади целата работа има елементи на корупција. Општинските власти во три наврати оваа година преземаа мерки за уривање на објекти кои се бесправно градени.