Општина Гевгелија се определи да остане еколошка оаза

64

Советниците на општина Гевгелија на последната седница едногласно дадоа негативно мислење и гласаа против отворање погон на италијанската компанија ПиП индустрис за преработка на отпад во пелети, кои би се извезувале во Италија, како и против доделување концесија за детални геолошки истражувања за злато на планината Кожув.

Градоначалникот Сашо Поцков информираше дека по јавната презентација во јуни доставил негативно мислење по доставените барања и дека по само четири месеци барањата повторно биле доставени преку Министерствата за животна средина и економија по што оценил дека добро е за нив да се произнесат и советниците.

Советниците сметаат дека отворањето на погонот и давањето на концесијата би биле против определбата на општината и на граѓаните да остане зелена и европски ориентирана општина. На седницата беа присутни и претставници на граѓанските здруженија кои се занимаваат со прашања од областа на екологијата и животната средина.