Општина Велес прва во земјава го донесе Планот за одржлива урбана мобилност на Велес 2019-2030

187

Планот за одржлива урбана мобилност ПОУМ е документ што донесува иновативни и креативни сообраќајни решенија.Со имплементација на овој план Велес добива нови модерни и иновативни решенија, а истовремено дава предност на пешаците кои се на прво место, втори се велосипедистите, на трето место е јавниот градски превоз на еко горива и на крај се приватните возила. Планот беше усвоен на вчерашната 40 седница на Советот на Општина Велес, а денеска беше презентиран во салата на Општината пред граѓанските организации, јавните институции и граѓаните на Велес. Планот го изработи словенечката консултанстка фирма АПИА од Љубљана.

Како што појаснуваат од тимот на Општината, вклучени во изработка на ПОУМ, планот не само што го става граѓанинот на пиедесталот на урбаниот мозаик, туку недвосмислено ја утврдува и определбата Велес да прерасне во град каде пешаците и велосипедистите ќе бидат на прво место, град каде јавниот превоз ќе биде организиран по мерка на граѓаните и со користење на најсовремената зелена технологија, град со организирани паркинзи и чисти тротоари.

Според градоначалникот Аце Коцевски, овој план го воведува Велес во европскиот домен на урбаниот развој каде градовите делуваат како жив организам во функција на благосостојбата на човекот.

Планот се базира на документи на Европската унија, како и упатства утврдени од Европската комисија.

Од Општина Велес информираат дека клучот на промената е придвижување кон интегрирано сообраќајно планирање. Планот за одржлива урбана мобилност 2019-2030, нуди можности за премин од класично во модерно и сеопфатно планирање на сообраќајот.

Првата активност од спроведувањето на овој план кој ќе започне наскоро е воведување на еднонасочен сообраќај од крстосницата кај „Жито Вардар” до Железничка станица и до крстосницата кај Противпожарниот дом и на истиот потег исцртување на велосипедска патека, соопшти Општината.