Општина Велес во ЈКП „Дервен” изминатите две години вложила скоро еден милион евра

62

За набавка на нови возила и механизација и подобрување на квалитетот на водата со набавка на нов озонатор во Фабриката за вода во Велес, Општина Велес во изминатите две години вложила скоро еден милион или поточно 941 илјада 431 евра, од кои поголемиот дел или 835 илјади 740 биле инвестирани лани.

Како што информира на денешната прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски воедно во изминатите две години бил вратен и долгот на Општината кон ЈКП „Дервен” од 1,5 милиони евра, потсетувајќи дека претходната власт за четири години од 2013 до 2017 за извршените услуги не му платила ни денар на ова претпријатие и го довела во тешка финансиска состојба.

Коцевски информира дека, меѓу другото, е набавена цистерна вредна 4 милиони денари, мал камион ИВЕКО за собирање отпад 3.2 милиони денари (грант од ЕУ проект за прекугранична соработка со Република Грција), ровокопач 2.2 милиони денари, набавила и половни камиони за собирање смет вредни 16 милиони и 450 илјади денари, каналочистачка 4 милиони 250 илјади денари, метларка 4 милиони 615 илјади денари, озонатор со опрема за Фабриката за вода во Велес вреден 14 милиони денари, а набавен е и GPS за мерење координати за подземен катастар од 500 илјади денари, софтвер за читање водомери 650 илјади денари и осум акумулатори за фотоволтаичен систем за депото за селекција 233 илјади денари.

Тој потенцира дека со оваа набавена механизација и друга опрема во многу ќе се подобрат комуналните услуги кон граѓаните од страна на ЈКП „Дервен”.