Општина Бутел сака сама да гради модерна поликлиника

1312

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, е подготвен да се изгради нова модерна поликлиника, каква што прилега на една урбана општина кога веќе, како што вели, Владата и Министерството за здравство, како надлежни, не можат.

На својот фејсбук-профил, тој јавно му се обрати на министерот за здравство Беким Сали и го потсети дека на неодамнешна средба му понудил опција веднаш да се отстрани модуларната амбуланта во Бутел, на чие место Општината би изградила нова, модерна поликлиника, но дека повратен одговор за тоа не добил.

– Вие ми посочивте дека немате против изградба на нова поликлиника, но дека за ваков чин ќе треба да поразговарате на повисоко ниво во Владата. Сѐ уште не добивме одговор од вас, иако помина повеќе од половина година од средбата – истакна Костовски.

Тој го охрабрува министерот Сали, кој, како што вели, констатирал неправилности во изградбата на овие крајно небезбедни и недолични објекти, да ги истражи деталите сѐ до финална завршница.

– Но, она што ми е поважно, овој пат јавно, повторно да Ве охрабрам, да ја отстраните модуларната амбуланта од Бутел. Јасна цел е ние, како општина, да изградиме нова модерна поликлиника каква што заслужуваат граѓаните – потенцира Костовски, надевајќи се на разумно решение, затоа што, како што вели, политиката не смее да биде пречка во остварување вакви важни проекти за граѓаните.

(А.П.)