Општина Берово се вклучува во втората фаза од Ромактед програмата

30

Општина Берово се вклучува во реализацијата на втората фаза од Ромактед програмата. Во рамки на активностите, како што информираа од Општината, градоначалникот Звонко Пекевски, денеска потпиша меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика и Совет на Европа.

– Основна цел на Програмата е поддршка и интеграција на Ромите на локално ниво, како и изградба на  политичка волја и одржлив политички ангажман на локалните власти за подобрување на демократското владеење и зајакнување на локалните ромски заедници, а истата финансиски е поддржана од Европската Унија, истакнаа од Општината.

Пекевски упати благодарност до сите кои дадоа свој придонес за продолжување на соработката преку која Општината ќе работи на подобрување на животот на ромската заедница во Берово.

– Општината и досега спроведува повеќе активности, со цел да се подобри животот на граѓаните од ромската заедница и денешниот меморандум е продолжување на заедничкото решавање на проблемите. Во таа насока зајакнувањето на ромската заедница, на индивидуално ниво, како и на ниво на заедница, проширувањето и подобрувањето на посветеноста, капацитетите, знаењето и вештините на инсититуциите, во работењето на инклузија на Ромите, во рамки на втората фаза од Ромактед програмата, ќе дадат силен придонес кон подготовка на активности за локален развој, кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот на Ромите на долг рок, рече Пекевски.

Во рамките на втората фаза од оваа програмаа предвидено е консолидирање и проширување на напорите за подобрување на интеграцијата на ромското население во Берово, преку зголемено учество во креирањето на локалните политики и спроведување на локалниот акциски план. Со ова, како што додадоа од Општината, ќе се зајакне демократското учество, отчетноста, инклузивноста и одговорноста кон ромските граѓани, а преку тоа тие ќе добијат и подобрена испорака на услугите.