Опера: “Турандот“ – епска кинеска бајка

194

Операта во три чина од Џакомо Пучини, “Турандот“ публиката ќе може да ја види утревечер (1 март) со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет.

Диригент е Иван Еминовиќ, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова. Настапуваат: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Момчил Караиванов (Бугарија), Кристијан Антовски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.

Напишана по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, операта ја прикажува кинеската кралица Турандот и нејзината љубовна приказна. Текстот се базира на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата “Турандот“ од Карло Гоци. Големиот композитор Пучини умира и не ја допишува операта, подоцна таа е завршена од Франко Алфано.