Пред нешто помалку од 24 часа, францускиот интернационалец Антоан Гризман и официјално потврди дека си заминува од редовите на шпанскиот гигант Атлетико (М).
На тој начин крилниот напаѓач ги потврди сите шпекулации кои кружеа во изминатите неколку месеци. Иако се уште нема официјална потврда, за тоа каде ќе ја продолжи својата богата кариера, фудбалските медиуми се убедени дека тоа ќе биде каталонскиот гигант Барселона.

Старо-новиот шампион на Шпанија се обиде и изминатото лето да ги осигура услугите на Гризман, но се откажа поради побараното обесштетување од 200 мил. евра.
Сепак, од 1 јули, услугите на Гризман ќе бидат достапни за „само“ 120 мил. евра, затоа што во неговиот договор со Атлетико (М), кој е со важност до 2023 година, има клаузула која се активира за нешто помалку од два месеца. Гризман, кој има 28 години, не сака да не ја искористи уникатната шанса да заигра за Барселона, а каталонскиот гигант може да си дозволи еден таков трансфер вреден 120 мил. евра.

Како што пишува шпанскиот весник „Спорт“, трансферот на Гризман во редовите на Барса ќе предизвика лавина од трансфери, слични на тие на Обамејанг, Жиру и Батшуаи во тријаголникот Дортмунд – Арсенал – Челзи.
Освен тие на Гризман, Барселона сака ова лето да ги осигура и услугите на капитенот на Ајакс, Матијас де Лигт, а веќе е договорен трансферот на неговиот тимски колега, Френки де Јонг. За да нема никаков проблем со Финансискиот фер-плеј, каталонскиот гигант ќе мора да продаде неколку фудбалери.

Главен кандидат за продажба е бразилскиот интернационалец Филипе Кутињо, кој беше купен пред 18 месеци за рекордни 160 мил. евра. Офанзивниот играч за врска не ги исполни големите очекувања на клупските челници, идентично како и францускиот интернационалец Осман Дембеле, но Французинот не е на продажба.

Најголем интерес за услугите на Кутињо покажуваат раководните лица на лондонскиот премиерлигаш Челзи, кои веќе ја започнаа потрагата по наследникот на белгискиот интернационалец Еден Азар. Најдобриот играч на „Стемфорд Бриџ“ има договор со „сините“ до 2020 година, но не сака да ја продолжи соработката. Според фудбалските медиуми, Азар ќе биде купен од шпанскиот гигант Реал (М) за 100 мил. евра.

Челзи веќе го договори трансферот на американскиот интернационалец од редовите на Борусија од Дортмунд, Кристијан Пулишиќ, но не станува збор за играч кој може да биде наследник на Азар. Поради таа причина, сопственикот на „сините“, Роман Абрамович, сака да го осигура потписот на Кутињо, кој веќе се има докажано во Премиер лигата, како фудбалер на Ливерпул.

Кога е во прашање Кутињо, на „Ноу Камп“ ќе бидат пресреќни ако останат на нула, но ќе преживеат и со минимална загуба. Бразилецот ќе биде продаден доколку официјалната понуда не биде помала од 120 мил. евра.