ОН: Среде зима во североисточна Сирија 170.000 лица живеат под отворено небо

47

Приближно 170.000 од вкупно 900.000 цивили, кои беа принудени да ги напуштат своите домови во северозападна Сирија, во моментов живеат на отворено, соопштија од ОН.

Најголемото раселување по граѓанската војна во Сирија, што почна пред приближно девет години, доаѓа среде зима, кога температурата често пати паѓа под нулата, а снегот покрива некои региони од овој дел на земјата.

„Суровите зимски услови дополнително ги влошуваат страдањата на овие напатени луѓе, кои побегнале од своите домови за да избегнат насилство, а повеќето од нив повеќепати биле раселувани во овие девет години од конфликтот”, се наведува во соопштението на Обединетите нации.

Во својот последен извештај Службата на ОН за координација на хуманитарните прашања соопшти дека околу една петина од новораселените лица живеат под нечовечки услови.

„Речиси 170.000 од новораселените лица се очекува да живеат на отворено или во недовршени објекти”, се наведува во соопштението.

ОН соопштија дека камповите се пренаселени и дека многу семејства креваат шатори на парцели без достап до основни услуги, како тоалетите.

Советот за безбедност на ОН во средата изненадувачки со вето на Русија ја блокира резолуцијата која инсистираше на прекин на огнот во северозападна Сирија.

Сириската Влада и сојузничките сили, поддржани од руските воени авиони, го затвораат обрачот околу последниот бастион на вооружената опозиција.

Движењето на владините сили, кои во Идлиб упаѓаат од југ и од провинцијата Алепо на исток, се повеќе ја намалуваат територијата што ја контролираат џихадистите.
ОН ја повика Турција да прифати повеќе бегалци, со аргументот дека итноста е преку потребна.

Турција, во која веќе се префрлени најголемиот број сириски бегалци во светот – околу 3,6 милиони лица – сака да избегне нов бран бегалци.

Извор:МИА