ОН: Ниту еден украински брод не помина низ коридорот ноќта на инцидентот

631

Обединетите нации денеска соопштија дека ниту еден украински брод што се користел за извоз на жито не минувал низ безбедносниот коридор на 29 октомври, кога во Севастопол беа пријавени напади врз воени бродови на руската Црноморска флота и трговски бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.

Високиот претставник на ОН Мартин Грифит изјави дека денеска 12 украински бродови го напуштиле пристаништето, а два влегле во пристаништата за да натоварат жито.

„Многу сме охрабрени од уверувањата на Русија дека не се повлекува од иницијативата, туку само привремено ги прекинува активностите“, рече Грифит, додавајќи дека ОН разбираат „дека договорот и обврските остануваат на сила дури и за време на суспензијата“.

Министерството за одбрана на Руската Федерација денеска нагласи дека Русија како главен учесник во договорите во рамките на Црноморската иницијатива, не се повлекува од нив, туку го суспендира своето учество.

Русија во саботата објави дека го суспендира учеството во договорот за жито по нападот во Севастопол.

Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул со посредство на Обединетите нации и Турција резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.