ОН изрази загриженост поради кризата со храна во Шри Ланка

40

Светската програма за храна при ОН (WFP) изрази загриженост поради влијанието на економската криза во Шри Ланка врз снабдувањето со храна за најсиромашните во земјата, јави ДПА.

Скоро 6,3 милиони луѓе – или три од 10 домаќинства – се изложени на ризик од несигурност во обезбедувањето храна и им е потребна помош, се вели во соопштението на WFP, во кое се искажува благодарност за придонесот од Норвешка во еквивалент од околу 500.000 американски долари.

Неодамнешните истражувања на WFP покажуваат дека 61 процент од семејствата или јадат помалку, или јадат помалку хранлива храна, па дури и целосно прескокнуваат оброци, поради акутната криза, се вели во извештајот.

Се воспоставува програма за итни случаи за да им се помогне на 3,4 милиони луѓе во Шри Ланка кои се најзагрозени од несигурност во обезбедување храна и неухранетост, се додава.

Островската држава, јужно од Индија, со население од околу 22 милиони, се наоѓа во најголемата економска криза во последните децении.

Неодамна, на земјата, која има 51 милијарда долари надворешен долг, ѝ недостигаа пари за увоз на основни добра како гориво, лекови и гас за готвење.

Цените на храната нагло пораснаа, а инфлацијата е веќе над 60 проценти, покажуваат официјалните бројки.