Онлајн-промоција на книгата „Пандемија“ на Славој Жижек

120

„Пандемија“ е новата книга на словенечкиот философ Славој Жижек која вечерва од 19 часот ќе биде онлајн-промовирана на фејсбук-страната на „Литература.мк“.

Поднасловот на книгата е „Ковид-19 го тресе светот“, а делото преведено на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

На промоцијата, како што соопштија организаторите, ќе може да се погледне разговорот меѓу авторот и уредникот на изданието Филип Видиновски, каде ќе може да се слушнат ставовите на Жижек за тоа како ситуацијата низ која минуваме ќе го смени светот и глобалната економија.

Според уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Филип Видиновски, оваа книга, иако кратка, нуди зачудувачки јасна перспектива за новата светска ситуација, што инаку е тешко видлива поради медиумскиот шум.

„Делата на Жижек се протегаат од Хегел до Бетмен преку анализи на актуелните светски состојби па сè до комплетно сериозни осврти во разликите на дизајнот на веце-школките во европските земји. Напишал безброј колумни за најтиражните светски списанија, редовно се појавува на најпознатите светски телевизии, а неговите јавни предавања ширум светот речиси без исклучок предизвикуваат огромен интерес. Жижек напиша нова книга ‘Пандемија – Ковид-19 го тресе светот’, а ние во издавачката куќа ‘Арс Ламина’ ја издаваме на македонски јазик“, објаснува Видиновски.

Жижек е роден во 1949 година и во доменот на неговиот интерес се философијата, психоанализата, културологијата, филмската критика и политичката теорија. Во 1989 година ја пишува првата книга на англиски јазик која го става на светската писателска мапа и оттогаш има издадено десетици дела и есеи.