Оние што ги шетаат сопствените миленици, треба да го собираат нивниот измет

421

И покрај законската обврска и предвидените казни, сѐ уште има сопственици на миленичиња што не го собираат изметот што го остава кучето зад себе по тротоарите и зелените површини низ Скопје.

– Денес, два пати се шлапнав во измет од кучиња. Немам против домашните миленичиња, напротив, премногу ги сакам, но има еден куп несовесни луѓе, кои ги мрзи да го соберат она што го оставаат нивните миленици – вели Мартин Трајковски од населбата Пржино.

Но, не се сите несовесни. Има сопственици кои го собираат „ѓубрето“ што ќе го направи нивниот миленик, но нема каде да го фрлат. Во контејнер не смеат затоа што ризикуваат да бидат казнети, па им останува да ја понесат „полната“ кесичка со себе дома или да ја фрлат во специјализирани корпи за џебен отпад, кои не секаде ги има.

– Пред Месната во Црниче, во кантите, една жена редовно фрлаше кучешки измет. Тоа не беше во ред, ама поарно таму отколку во школскиот двор каде што имаа децата фискултура, па наставниците постојано се жалеа дека децата внесуваат кучешки измет во училиштето и дека тие мора да го чистат – вели Стојка Тасевска.

Пржинци посочуваат на редовна појава некои нивни соседи да ги одлагаат кесичките со кучешки измет во приватни канти за ѓубре. И не само тоа.

– Замолувам за основна култура, лушпи од банани, тетрапак паковки од млеко и од сокови, шишиња, влошки со менструација, измет од кучиња, мачки, луѓе – ДА НЕ фрлате во канти што припаѓаат на домаќинство. Тоа не се канти за јавна употреба или не се јавен контејнер. Ѓубреџиите земаат само домаќински наполнети кеси со ѓубре, а не да нуркаат на дното од кантата да ја соберат вашата некултура. Вашата „култура” останува во кантата, која треба да ја собира лично домаќинот, бидејќи, во спротивно, при распадот на вашата „култура”, се шири страшна реа – вели Андон Давидов.

Според закон, не е забрането на јавен простор куче да уринира и да врши нужда, не само кај нас туку во целиот свет. Но, законот вели дека не само кај нас туку насекаде во светот, сопственикот на миленикот е должен да го собере изметот. И секој што го крши законот, може да биде фотографиран и пријавен.

Според Законот за јавна чистота, предвидена е казна од 50 евра за фрлање кучешки измет на непрописно место, а можат да го санкционираат и инспекциските служби на Град Скопје и општините.

(С.Бл.)