Омикронот не мирува, Србија влезе во нов бран, Македонија е на годишен одмор!

Во Европа повторно расте бројот на заразени, хоспитализирани и починати

7913

Само еден месец откако на дневна основа бројот на новозаразени опаѓаше и стигна дури до двоцифрена бројка, деновиве повторно се искачи над 100 заразени со корона дневно. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека утре ќе има информација дали Комисијата ќе се состане неделава. Деновиве, д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања, предупреди дека Србија влезе во седмиот бран на коронавирус, а проф. д-р Ангел Кунчев вели дека во пола Бугарија втора недела расте бројот на заболените со ковид-19. Тој стравува за наесен од можна мутација на вирусот, која ќе го заобиколува стекнатиот имунитет од вакцина или од прележување

 

Годишните одмори се во полн ек, а релаксираните мерки и препораки за заштита од коронавирусот резултираа со повторно зголемување на бројот на новозаразени како во Македонија така и во регионот. Само еден месец откако на дневна основа бројот на новозаразени беше во постојан пад и стигна дури до двоцифрена бројка, деновиве повторно почна да расте и се искачи над 100 заразени дневно.

Зголемување на бројот на заразени има и во регионот. Во Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија и Грција секојдневно се зголемува бројот, а според д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања, Србија веќе влезе во седмиот бран на коронавирус. Таа вели дека влошување на епидемиолошката состојба секако може да се очекува наесен, кога луѓето ќе се вратат од одмор и децата ќе тргнат на училиште.

-Пандемијата не заврши никаде во светот, дури ни во Србија, имавме само мирен период од два-три месеци со многу мал број новозаразени, хоспитализирани и починати луѓе. За жал, во многу европски земји деновиве сме сведоци на зголемување на бројот на заразени, дури и хоспитализирани и починати пациенти. Во Србија од ден на ден се зголемува бројот на новозаразени, наведува д-р Плавшиќ.

И во соседна Бугарија, лекарите предупредуваат дека е почнат летниот бран на вирусот. Според главниот државен здравствен инспектор, доц. проф. д-р Ангел Кунчев, во половина држава втора недела по ред расте бројот на заразени со коронавирусот.

-Вирусот полесно се пренесува, но, за среќа, не води до тежок развој на болеста. Се плашам од појава на нов вид наесен, кој целосно ќе го заобиколи имунитетот од вакцини и прележување на болеста, но ова е најлошата опција и не сум сигурен дека тоа ќе се случи – вели д-р Кунчев.

Бројот на заразени со корона расте и кај нас. Според податоците на ИЈЗ, последен пат над 100 заболени во едно деноноќие имало на 26 мај и тоа 109 случаи. Покрај растот на заразените, има и раст на процентот на новозаболени кој што првпат по речиси два месецa тој број е двоцифрен и изнесува 12,3% . Бројот на активни пациенти кои повеќе од еден месец беше околу 400, повторно се искачи на 540 од кои најмногу 342 се во Скопје. Заразени има од сите возрасти, но најголем број се млади на возраст од 20 до 29 години. Расте бројот и на реинфекции кои се околу триесетина во текот на 24 часа.

На социјалните мрежи има реакции од граѓаните дека ковид-мерките не се почитуваат таму каде што е задолжително, како на пример, дека не се носат маски во автобусите, во некои такси-возила, дури и дека во амбулантите едни носат маски, други не.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека утре ќе има информација дали Комисијата ќе има состанок оваа недела.

Професорот д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, но и член на Комисијата за заштита од заразни болести, за весникот ВЕЧЕР вели дека очекува неделава да се состанат и да разговараат за моменталната ситуација.

Засега нема најави за состанок на комисијата. Очекувам да се одржи или неделава или идната недела – вели д-р Беќаровски, кој потврдува дека на јавни места веќе никој не носи маски иако КЗБ ги препорача во јавниот превоз, аптеките, амбулантите и болниците, како и при посета на стари луѓе.

Според епидемиологот, д-р АлександарСтојанов, короната е РНК-вирус и досегашното искуство покажа дека навистина многу брзо прави нови мутации.

-Ние не сме недоволно вакцинирани во Македонија, околу 50 проценти, затоа препорачувам како епидемиолог од есен ранливите категории да примат и четврта доза од вакцината. Очекувам дека и во нашата земја ќе ги имаме последната генерација вакцини од „Фајзер“ и „Модерна“, надградени кои дејствуваат и против новите соеви – вели д-р Стојанов.

Од Советот на Здружението Обединети против Ковид (УПК) очекуваат дека во следните седум дена бројот на новозаразени во Србија ќе надмине илјада на дневна основа. Тие потсетуваат дека од февруари доминираат омикронските варијанти БА.2.12.1, БА.4 и БА.5, кои се докажани со секвенционирање.

-На почетокот на овој месец во Србија се докажани првите случаи на соеви БА.5 и БА.2.12.1 која се нарекува стелт варијанта или невидлив омикрон што се разликува од првата варијанта на омикронот- објаснува Плавшиќ и дополнува дека оваа подваријанта брзо се пренесува и го заобиколува имунитетот, што е можно едно лице да се зарази неколку пати од омикронската подваријанта. Според неа нема простор за паника, летово нема да има силен бран, но потребна е претпазливост и тестирање за секоја појава на респираторни симптоми.

(В.Ма.)