НБА-лигата ги објави имињата на преостанатите 14-мина кошаркари што ќе играат на ол-стар натпреварот во Солт Лејк Сити на 19 февруари, придружувајќи им се на десеттемина стартери што беа избрани од навивачите, играчите и од избраните претставници на медиумите. Тренерите на НБА назначија резерви, а најголеми имиња што нема да се најдат на ол-старот се Ентони Дејвис, Каваи Ленард и Џејмс Харден, кои пропуштија добар дел од сезоната поради повреди.

Од Источната конференција, на ол-старот ќе бидат центарот на Филаделфија, Џоел Ембид, кој беше најголема жртва во изборот на стартери; Демар Дерозан (Чикаго); Џејлен Браун (Бостон); Бем Адебајо (Мајами); Џру Холидеј (Милвоки), Џулиус Рендл (Њујорк) и Тајрис Халибартон (Индијана), кој ќе го има својот прв настап на еден ол-стар.

На Западот има дури тројца дебитанти меѓу седумтемина резерви – Шаи Гилгеус-Александер (Оклахома), Џерен Џексон Јуниор (Мемфис) и Финецот Лаури Марканен (Јута). Заедно со нив се и ѕвездите Пол Џорџ од ЛА клиперс, Демијан Лилард од Портланд, младата суперѕвезда на Мемфис – Џа Морант и Литванецот Домантас Сабонис (Сакраменто).

Тоа значи дека во Солт Лејк Сити ќе има петмина Европејци меѓу дваесет и четворицата играчи откако Сабонис и Марканен ќе им се придружат на стартерите Лука Дончиќ, Никола Јокиќ и Јанис Адетокумбо. Грчкиот кошаркар ќе биде еден од капитените, заедно со Леброн Џејмс, а двајцата од оваа група играчи ќе ги изберат своите соиграчи на паркетот пред почетокот.

Од Западот, за стартната петорка претходно беа избрани Џејмс, Јокиќ, Дончиќ, Стеф Кари и Зајон Вилијамсон, а од Истокот – Адетокумбо, Џејсон Тејтум, Кевин Дурант, Кари Ирвинг и Донован Мичел.