Организаторите на Летните олимписки игри им дозволија на спортистките кои дојат да ги донесат своите бебиња во Токио.

Имено, канадската кошаркарка Ким Гошер пред две недели поднесе молба да ѝ биде дозволено да го однесе своето тримесечно бебе на Олимписките игри, поради што истата беше прифатена.

  • Задоволни сме кога слушнавме дека Организацискиот комитет во Токио најде решение во врска со влезот во Јапонија за мајките кои ги дојат своите мали деца. Ние сторивме сè што е можно за да им се овозможи да настапат на Игрите во Токио 2020, соопштија од организацискиот одбор на ЛОИ, а веста ја пренесе „Вашингтон пост“.
  • Откако внимателно ја разгледавме уникатната ситуација со која се соочуваат спортистките со деца, со задоволство потврдуваме дека, кога е потребно, бебињата ќе можат да ги придружуваат своите родители во Јапонија, порача портпаролот на Игрите.

Новата политика охрабри неколку спортистки кои се квалификуваа за Токио, вклучувајќи ја и американската маратонка Алифин Тулиамук, чија ќерка Зои е родена во јануари, канадската кошаркарка Ким Гошер, чија ќерка Софи е родена во март, како и американската фудбалерка Алекс Морган, чија ќерка Чарли е родена во мај 2020 година.

  • Сè што некогаш сакав беше да ја претставувам Канада на Олимписките игри, а оваа година се квалификувавме. Но, поради пандемијата и строгите правила, сега сум во дилема, рече Гошер на видеото на „Инстаграм“ минатата недела пред да одлучи дали да оди во Токио без ќерката Софи.
  • Во моментов сум принудена да одлучам дали сум мајка која дои или олимписка атлетичарка. Очигледно не можам да бидам и двете, заклучи таа.

Атлетичарката Алифин Тулиамук, мајка на петмесечното девојче Зои, која сè уште го дои, имала сличен проблем.

  • Не можам да замислам дека не е со мене, јас сè уште ја дојам, истакна Тулиамук за „Вашингтон пост“.

Но, оваа недела, конечно пристигна добра вест за сите мајки, професионални спортистки, а организацискиот одбор испрати силна порака до светот: „Да, жените можат да бидат и мајки и професионални спортистки.“

Инаку, Олимписките игри стартуваат на 23 јули и ќе траат до 8 август.