Еден од членовите на организациониот одбор на Олимписките игри во Лондон, Кит Милс, ја шокираше јавноста со тврдењето дека Јапонија е подготвена да ги откаже Олимписките игри во Токио кои се на програмата ова лето.

Според него, тие веќе прават таков план, но чекаат натамошен развој на состојбата со пандемијата на коронавирусот.

„Олимписките игри е предвидено да се одржат оваа година и се прави сè за тоа да се случи“, изјави претходно премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга, но Милс не смета дека е така.

  • Гледајќи ја пандемијата ширум светот, во Јужна Америка, Северна Америка, Африка и Европа, не изгледа добро. Ако бев на местото на организаторите во Токио, веќе ќе подготвев план за откажување и сигурен сум дека тие веќе го имаат, но не го пренесуваат, истакна Милс.

Тој исто така наведува дека Јапонците најверојатно ќе чекаат до последен момент да го објават откажувањето, бидејќи се надеваат на брзо закрепнување на планетата од пандемијата со вакцинација.

  • Тоа е тешка одлука, не би сакал да бидам во нивна кожа. Тоа би било трагедија, додава Милс во интервју за британските медиуми.

Јапонскиот службеник Таро Коно стравува дека и покрај сè што се прави, може да се случи нешто непредвидено.

  • Треба да се подготвиме најдобро што можеме за она што претстои, и тоа го правиме. Сепак, сè може да оди во различни насоки, изјави неодамна Коно.

Свое мислење даде и заменик секретарот на владата на Јапонија, Манабу Сакаи, кој ги демантираше ваквите наводи, но исто така додаде не тоа не значи со сигурност дека Игрите ќе се одржат.

  • Сакаме целосно да ги демантираме овие информации. Секако, мора да ја земеме предвид ситуацијата во странство и во одреден момент ќе се донесе одлука дали да се одржат Олимписките игри или не, но дотогаш владата ќе стори сé што е потребно за да се подготви за Игрите, открива Сакаи.