Олгица од Радовиш со евергринот “Сунчане фонтане“ ја освои публиката во шоуто “Никогаш не е доцна“

499

Таа има вонсериски глас и доаѓа од нашиот Радовиш. Олгица Велкова е по професија докторка, а во грандиозното балканско ТВ-шоу “Никад није касно“ веќе неколку пати настапува и тоа со голем успех. Во последното издание ја видовме како одлично ја испеа песната “Сунчане фонтане“ од репертоарот на популарната пејачка Тереза Кесовија.
– Отсекогаш сум имала голема желба да пеам, да бидам пејачка, но животот ме однесе во друг правец. Станав докторка, не жалам поради тоа. Медицината и музиката се стари пријатели. Добро е познато дека преку песната многу луѓе успеваа(т) да се излечат. Тоа е таа музикотерапија, вели нашата распеана Олгица, вистинска дама и по начинот на кој се држи на сцената и според изборот на фустанот. Таа покрај публиката го освои и жирито пеејќи ја скоро како славната Тереза песната “Сунчане фонтане“ која на времето беше голем југословенски музички хит, испеан на еден од “Сплитските фестивали“. Дури и пејачката Неда Украден која беше во жирито, истински ја пофали Олгица, нејзиното маестрално пеење, но и нејзината храброст да се одлучи за една таква тешка песна со која покажа дека располага со извонреден моќен глас, како Тереза. Ние со сите сили ја поддржуваме Олгица од Радовиш и навиваме да ја видиме во понатамошните изданија на популарното шоу “Никогаш не е доцна“.    Дуле М.