Октомври најтопол во историјата на планетата

183

Октомври годинава беше најтоплиот октомври досега регистриран на планетата, објави денеска Европската служба за климатски промени во „Коперникус“, наведувајќи дека се работи за петти последователен месец кога е постигнат топлински рекорд или температурата се приближила до рекордот.

Октомври беше 0,63 Целзиусови степени над просечната температура од референтниот период 1981-2000, со што за малку го урна рекордот од октомври 2015 година, или за 0,01 степени Целзиусови, но беше за 1,2 Целзиусови степени над температурата во прединдустрискиот период.

„Тоа е петти последователен месец во кој се бележи рекордна висока температура или температура многу блиску до рекордот“, наведе „Коперникус“.

Јуни 2019 година беше најжешкиот јуни досега регистриран, а јули го достигна апсолутниот рекорд на најжежок месец досега регистриран. Август 2019 година беше втор по топлина за месец август, а септември постави уште еден рекорд.

Последните четири години беа најтопли досега забележани на планетата, а веќе во август Светската метеоролошка организација процени дека 2019 година ќе биде меѓу петте најжешки години, што одговара на предвидувањата на научниците за влијанието на климатските промени, наведува Франс прес.