Околу 80 милиони евра од ЕИБ за изградба на Пречистителна станица во Скопје

90

Со околу 80 милиони евра Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе влезе во финансирањето на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Од овој износ околу 10 милиони ќе бидат грант средства од ЕИБ. Со проектот ќе се изгради и операционализира станица за третман на отпадни води, што ќе опслужува преку 650.000 жители од градот Скопје.

Финансирањето на овој крупен инфраструктурен проект, како и неколку други идни проекти се дискутирани на средбата на делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на ЕИБ, Ендру Мекдауел, за време на Годишните средби на групацијата Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон.

 

Вкупната вредност на Проектот за изградба на Пречистителната станица е 136 милиони евра, од кои остатокот ќе бидат обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се очекува договорите со меѓународните финансиски институции за финансирање на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје да бидат потпишани до крајот на годинава.

На состанокот било разговарано и за одобрување на дополнителни 50 милиони евра за Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија, како резултат на успешно спроведување на тековниот проект, чија вредност е 50 милиони евра.