Околу 20 проценти од населението живее под прагот на сиромаштија

122

Околу 20 проценти од населението живее под прагот на сиромаштија, покажуваат статистичките податоците и податоците од граѓанските организации. Не е доволно само да се донесе гарантиран минимимален приход, туку треба да се креираат активни мерки за излез од сиромаштија, да се отворат достоинствени работни места, да се обезбедат услови за достоинствен живот, гарантиран пристап до здравствените услуги, до младинска стратегија и гаранција, за младите да останат во државава.

Ова го истакна Зоран Биковски од невладината огранизација Кхам Делчево пред почетокот на панел дискусијата на членките на Македонска платформа против сиромаштија со претставници на граѓански организации и институции, на која беа претставени препораките од работните групи и се разви интерсекторски пристап за поквалитетни популациони политики, особено поврзани со социјалната и здравствената заштита.

Посочи дека најтешко се живее во Источно планскиот регион, иако и во Кривопаланечкиот регион луѓето се во незавидна состојба.

– Податоците покажуваат дека има масовно иселување од Источно планскиот регион, а причините не се само недостигот на информации на луѓето како да ги остварат своите основни права од социјалната заштита, туку се недоволниот пристап до добра, здравствени услуги, работни места, немањето странски инвестиции во Источно планскиот регион, бидејќи ниту една фабрика не е отворена во Пијанечно малешевскиот регион која ќе нуди плата над 300 евра и тоа влијае младите да си заминуваат, рече Биковски.

Претставникот на Министерството за труд и социјална политика, Билјана Страмшак рече дека големата социјална реформа освен гарантираниот минимален приход воведува и нов стручен метод на работа наречен „Интегрирано водење со случаи“. Потенцира дека методот е нов и ќе се применува во сите центри за социјална работа во стручната работа со корисниците на сите парични права не само гарантираниот минимален приход и на корисниците на социјалните услуги.

– Очекуваме дека овој метод ќе придонесе за намалување на фрагментацијата на начинот на користење на социјалните услуги, полесен пристап на корисниците на социјалните услуги до ресурсите од локалната самоуправа и воведување цврст систем на супервизија на стручната работа, додаде Страмшак.