Околу четири милиони вработени во туризмот би можеле да останат без работа поради Ковид-19

67

 Речиси 44 отсто од вработените во хотелите во САД или околу четири милиони луѓе би можеле да останат без работа поради новиот коронавирус, предупреди Американската асоцијација за хотелско и друг вид сместување.

Најголеми последици и загуби, според првиот човек на Асоцијацијата, Чип Роџерс, ќе претрпат главните туристички центри – Њујорк, Калифорнија, Невада и Флорида, кои годишно се посетени од околу 125 милиони домашни и странски туристи.

– Влијанието врз нашата индустрија е многу посериозно од се она што досега сме го доживеале, вклучувајќи ги и терористичките напади на 11 септември 2001 година и големата рецесија во 2008 година, истакна Роџерс.

Според него, Белата куќа и Конгресот мораат да преземат итни мерки за заштита на огромен број работни места, „да им се дадат олеснувања на вредните работници и да им се обезбеди на раководствата на малите претпријатија и на сопствениците на франшизи, кои претставуваат над половина од хотелите во САД, да можат и понатаму да ги остават своите врати отворени за работниците“.

Само минатата недела синџирот хотели „Мериот“, кој во светот има над 130.000 вработени, почна со отпуштање на работници.

Извор: МИА