Од 73 прогласени виновни за екоцид, само тројца се со затворска казна

43

Според податоците од Државниот завод за статистика во 2021 година обвинети се вкупно 85 лица за кривични дела против животната средина и природата, од кои 73 се прогласени за виновни. Од нив, 62 биле со плаќање на парична казна, а три се затворски, две до 6 месеци и една до 1 година затвор. Интересно е дека сите обвинети биле мажи. Од пресудите 62 се со издавање на платен налог, а 11 врз основа на признание на вина. За три лица постапката е запрена, пет имаат ослободителна пресуда, а четири одбивателна пресуда.

Најголемиот дел од обвинетите лица – 35 се за узурпација на недвижности, 34 за незаконски риболов, по 6 за незаконски лов и мачење животни, три останати кривични дела против животната средина и еден за незаконска експлоатација на минерални суровини.

За кривични дела против животната средина и природата во 2021 година две лица добиле затворски казни и тоа еден затвор до шест месеци за узурпација на недвижности и еден казна затвор од шест месеци до една година за незаконски риболов. Најмногу парични казни се изречени во распон од 10 до 30 илјади денари – 19, од кои најмногу 12 за незаконски риболов, пет за узурпација на недвижности и две за мачење на животни. Седум парични казни се над 30 илјади денари и тоа пет за незаконски риболов, и по една за мачење животни и узурпација на недвижности. Изречени се и две парични казни до пет илјади денари за незаконски риболов.

Против три лица осудени за кривични дела против животната средина и природата во 2021 година е изречена и конфискација на имот, а од 21 се одземени предмети.

Од членовите на работната група за делот еколошка правда, кои работеле на новиот предлог Кривичен законик, за МИА појаснуваат дека екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина (извршени со умисла). Оттаму наведуваат дека се прави обид да започне процес на превентивно делување, односно новопропишаните високи казни да го одвратат сторителот од чинење на некое од овие кривични дела или нивно повторување.

– Правото е во состојба да придонесе за заштита на природните системи, а воведувањето на ова ново кривично дело може да значи промена на свеста во насока на подобра заштита на животната средина што воедно би значело и поефективна правна рамка. Дополнително, заштитата на животната средина во кривично правниот систем ужива низок степен на заштита доколку се земат предвид постојните кривични дела и предвидените санкции. Воведувањето на екоцидот како кривично дело значи чекор напред кон воспоставување на механизми кон сите лица (физички и правни) да носат одговорност за штетите на околината, екосистемите кои се резултат на нивните одлуки и дејствувања – појаснуваат за МИА од работната група.