На иницијатива на Руски центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Русија во Северна Македонија од 22 септември до 30 октомври ќе се одржуваат Денови на руски јазик и култура.

Свеченото отворање на манифестацијата е в среда, 22 септември, со концерт на руска класична музика во Музејот на македонската борба. На концертот ќе учествуваат македонските музичари: Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, Марија Вршкова, кои ќе изведат дела на Рахманинов, Чајковски и Шостакович.

На 23 септември во Кинотеката ќе биде прикажан воениот филм „Црвениот призрак“ на рускиот режисер Андреј Богатирјов , а на 25 септември  во кафе-книжарницата „Буква“ Рускиот центар ќе организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“, на кој победниците ќе добијат награди со руска симболика. Од 26 до 28 септември во Рускиот центар ќе се одржи трета Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“, со околу 60 учесници од 10 земји. Ќе има различни научни секции и една посебна посветена на 200-годишнината од раѓањето на Фјодор М. Достоевски.

На 29 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе учествуваат уредници на македонски издавачки куќи.