Фестивалот „Музика од светот“, во организација на Центарот за култура во Битола, годинава своето 12. Издание ќе го одржи од 18 до 20 септември.

На Хераклеја ќе бидат изведени музичкоактерски перформанс „Патеки“, а Камерен оркестар на Битола ќе настапи со специјалниот гостин од Операта во Малме, Шведска, Дарко Нешовски. На 19. септември ќе се реализира ОФФ-програма, а на  последната вечер, на 20. септември е најавен концерт на Владимир Четкар.

“Светот заради пандемијата, денеска ни е домашниот свет, а нашите уметници ги поддржуваме целосно, зошто само така ќе ја спасиме културата. Оваа година музиката ќе се спои со актерскиот перформанс, со ритми од сите меридијани, за да потврдиме дека ова е фестивал на музика од светот, но создадени дома, изјави Маја Андоновска-Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

Целиот визуелен идентитет за фестивалот е дело на графичката дизајнерка

Ангела Христовска која има свое објаснување за крикот на уметникот во време на пандемија и неговиот гласен молк.

“Оваа ситуација не научи да го запознаеме и прифатиме својот микрокосмос и да го сместиме светот во неговите граници. Миксот на кирилично-латинична типографија е симбол на тој свет, присилно сместен во границите на нашиот микрокосмос. И само уметноста ја има моќта да ги премине тие граници, појасни Христовска.