Нискобуџетната авиокомпанија „Виз Ер“ најави проширување на својата мрежа од Салцбург, а една од дестинациите е и скопскиот аеродром. Според објавениот ред на летање оваа авиокомпанија ќе лета за Скопје секоја среда и недела, почнувајќи од 1 јули. Цените на билетите почнуваат од 19,99 евра.

Како што е објавено, од јули, од Салцбург освен за Скопје, со „Виз Ер“ ќе може да се патува и до Ларнака, Киев, Букурешт, Белград и Тузла. Картите до овие дестинации веќе можат да се резервираат на wizzair.com и на мобилната апликација, по ниски цени почнувајќи од 14,99 евра.

-Лансирањето на новите линии од аеродромот на Салцбург е резултат на долгорочната посветеност на авиокомпанијата со Австрија. Двете успешни години работење и повеќе од 3 милиони патници во Виена се доказ дека „Виз Ер“ нуди многу достапни услуги во Австрија. Засновајќи се на овој успех и зголемената побарувачка на пазарот, авиокомпанијата го додава Салцбург на својата сè поголема мрежа и носи прифатливи можности за патување до Салцбург и регионот. Најавените рути ќе го зголемат капацитетот на аеродромот во Салцбург за преку 200 илјади седишта годишно и ќе го поврзат градот со  моментално неповрзани дестинации. Авиокомпанијата ќе придонесе за развој на туризмот во регионот, истовремено обезбедувајќи можности за високо квалитетни патувања со ниска цена, соопшти компанијата.

Инаку, „Виз Ер“ во функција на заштита на здравјето на патниците и екипажот воведе нови протоколи според кои за време на летот и патниците и екипажот треба да носат маски на лицето, а екипажот треба да носи и ракавици. Исто така, авионите редовно се чистат со специјален антивирусен раствор и дополнително се дезинфицираат ноќе.

–Задоволство ми е да го објавам додавањето на Салцбург во нашата мрежа, само три недели откако воведовме нови рути во нашата мрежа во Виена. „Виз Ер“ е посветен на развивање на присуството на авиокомпанијата во Австрија и нуди поприфатливи можности за патување сега и од Салцбург. Нашите протоколи и безбедни санитарни услови гарантираат заштита на највисоко ниво во најзелената флота во Европа. Убеден сум дека ултра ниските цени на „Виз Ер“ и одличната мрежа на маршрути ќе придонесат за засилување на туризмот во Салцбург и остатокот од Австрија, истакна на прес-конференција во Салцбург, Јазеф Варади, извршниот директор на „Виз Ер“ групата.

Инаку, меѓународниот аеродром „Скопје“ сè уште е затворен за патнички летови и нема најава кога ќе се отвори. Од ТАВ Македонија за весникот ВЕЧЕР изјавија дека се подготвуваат како отворањето да е во најкус можен рок, а ќе ги почитуваат сите протоколи за заштита на патниците и вработените препорачани од надлежните институции и организации.

Во меѓувреме, авиолинии до и од скопскиот аеродром од 15 јуни најавија и „Ер Србија“ од Белград и „Аустриан ерлајнс“ од Виена. (С.В.)