Од фискална од 20.000 денари на сметките на граѓаните ќе легнуваат 379 денари

Максималните 28.800 денари годишно семејствата ќе можат да ги остварат ако месечно трошат по 1.445 евра за набавки за кои ДДВ е 18 проценти, или фантастични 5.203 евра за купување добра кои се оданочуваат со пет проценти

364

За да може едно четиричлено семејство да го добие максималниот годишен поврат на ДДВ од 28.800 денари, во текот на годината ќе треба да потроши  1.066.667 денари, односно 17.344 евра, но само на набавки на кои се пресметува ДДВ од 18 проценти. На месечно ниво тоа е трошок од 1.445 евра. Ако купените добра се со повластената стапна на ДДВ од пет проценти, која најчесто се применува кај храната, годишниот цех треба да изнесува дури 3.840.000 денари, што е еднакво на 62.439 евра, што пак значи дека месечно треба да се трошат во просек по 5.203 евра.

Ова е математиката на даночниот експерт и претседател на Здружението на даночни советници Павле Гацов, која е повеќе од актуелна по завчерашната најава од Владата дека од 1 јули почнува спроведување на мерката поврат на 15 проценти од ДДВ за граѓаните.

Но, бидејќи не секогаш се купуваат само производи оданочени со 18 или само со пет проценти, Гацов прави и комбинирана математика која покажува дека за потрошени 20.000 денари на сметките на граѓаните легнуваат само 379 денари. Или, ако од вкупната набавка од 20.000 денари 15.000 се со ДДВ од 18, а останатите пет илјади се оданочени со пет проценти, тогаш државата од ДДВ зема  вкупно 2.526 денари, или 2.288 денари од набавките оданочени со 18 и 238 денари од набавките за кои данокот е пет проценти. Од вкупно пресметаниот ДДВ од 2.526 денари на фискалната сметка од 20.000 денари, граѓанинот назад ќе добие 15 проценти, што изнесува 379 денари.

Гацов коментира дека опцијата за максимално искористување на повратот е речиси невозможна поради предвидените лимити. Инаку, со намера од оваа мерка да се изземат најбогатите два процента од населението, сумата на една фискална сметка за кој има поврат на ДДВ е ограничена на максимум 30.000 денари.

Додека граѓаните прават свои математики за тоа колку ќе се офајдат од овој проект, со оглед на тоа што во мобилната апликација преку која се реализира повратот нема предвидено опција да покажува колку пари се потрошени и колку треба да се вратат, експертите се сомничави околу ефектите од него. Според главниот и одговорен уредник на Вечер и долгогодишен новинар  Весна Миќиќ Божиновска најавената мерка за поврат на данокот на додадена вредност е повеќе популистичка отколку мерка со која евентуално ќе се постигне целта – намалување на сивата економија и враќање на парите на граѓаните. Таа тврди оти трговците секогаш, па и во овој случај ќе најдат дупка во законот; и ќе продолжат да работат за свој профит, а од новата мерка најголем ќар сепак ќе имаат најбогатите. Миќиќ-Божиновска затоа, вели, „Кој има, тој ќе троши, кој троши тој и ќе добива.

Според неа, од најавената мерка, која стапува во сила од 1 јули годинава, треба да добиваат и граѓаните и државата, а вршителите на дејност се очекува да го намалат обидот за неиздавање фискални и со тоа одбегнување на плаќањето на данокот на државата. Сепак го поставува прашањето колку овие очекувања може да се реални.

– Намалување на сивата економија и даночната евазија како една од целите на оваа мерка може многу лесно да остане само на хартија, доколку државата нe преземе мерки за поголема контрола на фискализацијата со посебен акцент на делови од Македонија и Скопје каде што важат „други закони” . Прашањето што се наметнува е колку граѓаните навистина, ќе се занимаваат со тоа да ја скенираат секоја фискална сметка? Можеби подобро ќе беше државата да го намалеше данокот на производите за широка потрошувачка и со тоа повеќе пари би останувале кај тие за кои оваа мерка е наменета, вели Миќиќ-Божиновска.

Таа сепак остава простор времето да покаже колку предвидената мерка ја „спасила” државата од сивата економија, и колку граѓаните навистина се побогати откако на нивните сметки на крајот на годинава ќе легнат 15 проценти на име на поврат на ДДВ.

Инаку, на седницата во вторникот Владата донесе одлука оваа мерка која е дел од владината, но и од изборната програма на владејачката партија, да почне да се применува од 1 наредниот месец на целата територија на државата. Поврат на ДДВ ќе има само за лицата над 15 годишна возраст кои имаат важечка лична карта или пасош и активна трансакциска сметка на свое име и се регистрирани во системот е-даноци на Управата за јавни приходи. Повратот ќе се врши со скенирање на валидна исклучиво фискална сметка на сума не повисока од 30.000 денари. Со едно лице на месечно ниво може да добие назад максимум 600 денари, а четири члена во семејството за една година семејниот буџет може да го надополнат со максимум 28.800 денари, на кои нема да платат персонален данок. Годинава поврат на 15 проценти од платениот ДДВ ќе се врши само во декември, а од следната година на секои три месеци.

(С.В.)