Од утре сметки на 80.000 граѓани на удар на извршителите

Стартот треба да им биде лесен, зашто низ целиот период додека немаа право да повлекуваат пари, сметките на граѓаните и фирмите должници стоеја блокирани. Банките не постапија според владините насоки и не ги одблокираа сметките, а тоа многу им помогна на извршителите кои денеска треба само да посегнат по парите и да повлечат толку колку што им дозволува законскиот лимит. Според податоците на Народната банка, заклучно со март, блокирани биле над 106.000 сметки, од кои 26.000 на компании и 80.000 на граѓани.

827

Извршителите од утре почнуваат со редовна работа. По речиси четири месеци пауза поради кризата, повторно почнуваат со наплата од сметките на граѓаните и фирмите и со заплена и продажба на предмети и имот.

Стартот треба да им биде лесен, зашто низ целиот период додека немаа право да повлекуваат пари, сметките на граѓаните и фирмите должници стоеја блокирани. Банките не постапија според владините насоки и не ги одблокираа сметките, а тоа многу им помогна на извршителите кои денеска треба само да посегнат по парите и да повлечат толку колку што им дозволува законскиот лимит. Според податоците на Народната банка, заклучно со март, блокирани биле над 106.000 сметки, од кои 26.000 на компании и 80.000 на граѓани.

Додека траеше мораториумот на присилната наплата, кој почна на 1 април, извршителите без престан примаа и нови налози за намирување долгови, но смееја само да ги евидентираат. Од утре ќе блокираат сметки за да ги наплатат и нив. Податоците од Комората на извршителите говорат дека до крајот на јуни во извршителските канцеларии се примени над 30.000 предмети. Колку се примени во последните четири месеци нема конкретен податок, но како што неодамна за весникот ВЕЧЕР изјави претседателот на комората Зоран Димов, не би требало да има многу, зашто доверителите се воздржувале од присилна наплата поради кризата.

Од утре треба да почнат да ги плаќаат ратите и должниците кои во договор со извршителите самите го намируваат долгот без да им се блокира сметка. Мета на извршителите се и граѓаните и фирмите со поголеми долгови, како и оние кои нередовно ги плаќале ратите на хипотекарните кредити. Извршителите во изминатите четири месеци не запленуваа предмети и имот, но изготвуваа налози за извршување врз недвижност кои со електронска достава ги предбележуваа во јавната книга, како и налози за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност, кои електронски ги доставуваа до Депозитарот за хартии од вредност. Сега извршителите излегуваат на терен, ќе вршат попис и заплена на имот, како и негова продажба на лицитација. Од Комората не кажуваат колку вакви налози изготвиле.

И додека банките не ја отфрлаат можноста мораториумот на кредитите да продолжи и од октомври, за почеток на извршувањето нема одлагање. Тоа беше прекинато со владина уредба која траеше до 1 јули, па се продолжи до вчера. Од Министерството за правда информираа дека ново продолжување не може да има бидејќи веќе не сме во вонредна состојба.

И додека граѓаните и онака исцрпени од кризата собираат сила да се соочат со испразнетите сметки, извршителите исто така се жалат дека поради неработењето се доведени во тешка финансиска состојба. Велат дека бројот на предметите оваа година им е помал за повеќе од 40 проценти во споредба со лани, а додека не работеле ги задржале сите вработени и им давале плата.

Комората на извршители сè уште не го објавила извештајот за работата лани, но во 2018 година од должниците во корист на доверителите се наплатени околу 123 милиони евра, што е реализација од 55,69 проценти. За 13 години, колку што работеле дотогаш, извршителите на доверителите им вратиле повеќе од 1,2 милијарди евра, што е 35,14 проценти од сумата што тие ја побарале.  (С.В.)