Од утре за сообраќај се затвора булеварот „Крсте Мисирков“ во насока кон Бит Пазар

297

Градот Скопје информира дека од утре, од 8.30 часот, до петок ,  до 8.30 часот, поради асфалтирање на булеварот  „Крсте Мисирков“, целосно за сообраќај ќе биде затворена делницата во насока кон Бит пазар, од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до клучката  „Детелинка“.

Реконструкцијата на булеварот „Крсте Мисирков“ опфаќа должина од 1.350  метри во двете насоки, а претставува дел од интензивните градежни активности на Град Скопје за подобрување на сообраќајната инфраструктурата во Скопје.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времено поставениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолуваме сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.

Од ЈСП известија дека автобуските линии што сообраќаат на овој потег ќе бидат пренасочени кон Скопски саем и клучкатра Континентал и назад кон клучката „Детелинка“.

Линиите 2, 16, 43 и 50 од крстосницата на булеварот „Гоце Делчев“ со булеварот „Крсте Мисирков“, наместо да свртат лево, ќе продолжат право кон Скопски саем и од постојката кај хотелот „Континентал“ ќе продолжуваат по своите редовни траси.

Во обратна насока, посочените линии ќе сообраќаат по вообичаените траси.

Линиите 8, 17, 19, 26, 57, 57А и 59, од крстосницата на булеварот „Гоце Делчев“ со булеварот „Крсте Мисирков“, наместо да свртат лево, ќе продолжуваат право кон клучката Континентал, од каде ќе излегуваат на булеварот „Александар Македонски“ и од клучката „Детелинка“ ќе продолжуваат по своите вообичаени траси.

Во обратна насока, посочените линии ќе сообраќаат по вообичаените траси.

Линиите 9, 20, 35, 47, 47А, 61, 71 и 81 од крстосницата на булеварот „Крсте Мисирков“ со булеварот „Гоце Делчев“, ќе вртат десно кон Скопски саем, па кон клучката „Континентал“, од каде ќе излезат на булеварот „Александар Македонски“, а од клучката „Детелинка“ ќе продолжуваат по своите вообичаени траси.

Во обратна насока, посочените линии ќе сообраќаат по вообичаените траси.

Линиите 45, 52, 53, 54, 55, 55В, 62, 63, 63А, 65, 65А, 65Б, 65В, 66, 66А и 68 од крстосницата на булеварот „Крсте Мисирков“ со булеварот „Гоце Делчев“, ќе вртат десно кон Скопски саем и од постојката кај хотелот „Континентал“ ќе продолжуваат по своите вообичаени траси.

Во обратна насока, посочените линии ќе сообраќаат по вообичаените траси.