Од утре прекинува испораката на руски гас во Данска

75

Данската енергетска компанија, „Ерстед“ објави дека испораката на руски гас за Данска ќе биде прекината од утре во 6.00 часот по локално време, бидејќи „Ерстед“ одби да го подмири плаќањето во рубљи.

„Бидејќи нема гасовод што оди директно од Русија до Данска, Русија нема да може директно да го прекине снабдувањето со гас за Данска, а тоа значи дека Данска и натаму ќе може да се снабдува со гас“, соопшти компанијата, додавајќи дека земјата сепак ќе мора да го купува во голема мера на европскиот пазар.

Руските власти претходно најавија дека ќе прифатат плаќање за испораките на природен гас само во нивната национална валута, барајќи од клиентите да отворат банкарски сметки во рубљи, или да ризикуваат снабдувањето да биде прекинато.

Овој потег доаѓа како одговор на серијата меѓународни санкции наметнати на Русија по нејзината инвазија на Украина на 24 февруари оваа година.

Гасот сочинува 18 проценти од енергијата што се троши секоја година во Данска. Домашното производство изнесува три четвртини од потрошениот гас во 2019 година.

Русија досега беше еден од главните извори на увоз на природен гас, според Данската агенција за енергетика.