Пантомима во МНТ: Финската атракција “Мимо арт компани“ го отвора 12. Панфиз

359

Со финската атракција “Мимо арт компани“ и претставата “Боди Ноутс” утревечер (1 јули) во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар, стартува 12. издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар “Пафиз” 2019. Фестивалот на кој до 3 јули ќе бидат прикажани уште три претстави, ќе го отвори националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски.

“Body notes” е екстремно визуелно, импровизациско патување до сите можни форми на изразување на сцената. Го чувствуваш длабоко во телото и душата, те потресува, те забавува и те движи…

 

Вториот ден, на 2 јули, публиката ќе има можност да проследи две претстави и тоа на малата сцена на МНТ. Првата претстава насловена „Белиот Бип” која доаѓа од Бугарија, ќе започне во 20 часот и е класична пантомима во изведба на театарот “Метаморфози“.

Втората претстава која ќе се случи истата вечер во 21:30 часот е премиера на наша македонска продукција и се работи за проектот на театар “Страница” наречен “Скопје ‘63”, која низ пантомимска игра раскажува за катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.

Четвртата претстава, буто перформансот „Кабаре на Апсурдот” ќе се одигра на 3 јули на малата сцена на МНТ со почеток во 20 часот. Темел на овој буто перформанс е книгата на Алехандро Ходоровски „Мистично кабаре”, а кореографот и артистите ќе се занимаваат и ќе го истражуваат внатрешниот пат на човештвото на еден апсурден и сатиричен начин.

Оваа претстава произлезе од годинешната еднонеделна буто работилница под водство на артистот Марко Нектан од Србија кој работеше со група од десетина помлади и постари македонски артисти. Со оваа претстава и се затвара “Панфиз”.

И годинава по завршувањето на последната изведба ќе биде доделена единствената награда која ја добива најдобрата претстава. Спонзор на наградата и оваа година е семејството Пацови од Бугарија.