Од утре до недела Генералка викенд 2023 – најголема акција за чистење и пошумување

46

Трета година по ред од утре до недела ќе се одржи најголемата акција за чистење и пошумување „Генералка викенд 2023“ која ќе се спроведе во 53 општини и 450 училишта низ државата со повеќе од 16 илјади волонтери. Во рамки на акцијата ќе биде собран отпадот од локациите мапирани од страна на секоја општина засебно.

Волонтерите од Пивара Скопје, заедно со останатите партнери и заинтересирани граѓани, во петок, на 12 мај, ќе го собираат отпадот на локација во атарот на селото Јажинце под општина Јегуновце, во подножјето на Шар Планина.

– Девет месеци континуирано го посветуваме нашето време, ресурси и волонтерските часови на Пиварци во креирање на платформа која ќе ги промени навиките градејќи систем за одржлива животна средина, и ќе создаде партнерства со сите оние со кои ги делиме истите вредности – изјави Ламбро Патче, директор за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје.

За собраниот отпад во текот на акцијата ќе се погрижат локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула Отпад со соодветна селекција и рециклирање, а на сите локации ќе има и тимови од Црвен Крст кои ќе се погрижат за безбедноста на волонтерите.

– Да покажеме совесност и одговорност за своето однесување кон природата и да се вклучиме во ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – акција која ја покажува моќта на заедништвото и ни дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина – изјави Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и тој лично, како еден од првите пет топ приоритети ја имаат ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА, која нашата држава во голема мера ќе ја направи поеколошка и позелена.

– За секои 10 кг собран отпад садиме по едно дрво и создаваме нов живот со разновиден растителен и животински свет – рече Николовски.

Шпаркасе Банка интензивно ги поддржува активностите во областа на екологијата и на заштитата на човековата средина, како предуслов за просперитет на сегашните и идните генерации и креирање на одржлив свет.

– „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ инспирира промени, повикува на единство за нешто што е важно и во заеднички интерес на сите нас, а тоа е чист воздух, чиста почва и чиста вода – изјави Марјанчо Дамески, управител на Нула Отпад.

– Кога целото општеството соработува заедно, можеме да направиме промени: Да се извалкаме и да исчистиме – изјави Гордана Софија од Мен енд Маунтен.