Од ТЦ „Капитол“ до плоштад „Македонија“ со велосипед за 13 минути

207

Тројца ентузијасти од „Конзерватив“, сакајќи да покажат со кое превозно средство најбрзо се стигнува до посакуваната дестинација во Скопје тестираа автомобил, автобус и велосипед, истовремено тргнувајќи од ТЦ „Капитол мол“, во Аеродором, а завршницата беше кај споменикот на Александар Велики на Градскиот плоштад. Тестирањето покажа дека оној што бил во автобусот стигнал за 24 минути и 30 секунди, оној со автомобилот, вклучувајќи го и зонското паркирање кај хотелот „Мериот“ стигнал за 26 минути и 50 секунди, додека оној што возел велосипед стигнал за само 13 минути

Велосипедот, дефинитивно, е најдобрата опција да стигнете до посакуваната дестинација низ сообраќајниот хаос во Скопје. Со него се стигнува два пати побрзо отколку да се превезувате со автомобил или со автобус.

Тројца ентузијасти од Здружението „Идеолошки и аналитички центар Конзерватив“ (Conservative), сакајќи да покажат со кое превозно средство најбрзо се стигнува до посакуваната дестинација во Скопје, тестираа автомобил, автобус и велосипед, а тоа го покажаа и на видео кое самите го изработија.

– Бојан Никовски возеше автомобил, Петар Спасовски се качи во автобус, а Никола Николовски велосипед, а за логистиката беше задолжен управителот на политичката платформа „Конзерватив МК“, Стефан Василевски. Сите тргнаа од паркот зад трговскиот центар „Капитол мол“, во Аеродором, а завршницата беше кај споменикот на Александар Велики на Градскиот плоштад. Сето време сите тројца снимаа со камери прикачени на нив. Тргнуваат заедно во исто време, а се мери со штоперица – велат од Конзерватив.

Тестирањето на крајот покажа дека оној што бил во автобусот стигнал за 24 минути и 30 секунди, додека оној со автомобилот, вклучувајќи го и зонското паркирање кај хотелот „Мериот“ стигнал за 26 минути и 50 секунди. Истата дестинација Никола на велосипед ја поминал за само 13 минути.

При тоа, како што објаснуваат од „Конзерватив“, не бил користен само мотор, бидејќи како што велат нема разлика од автомобил и мотор бидејќи правилата за сообраќај се исти.

– Тоа што моторџиите можеби не ги почитуваат сообраќајните правила и претекнуваат со поголема брзина и се буткаат меѓу автомобили, тоа е сосема друго. Но, ние мора да ги почитуваме правилата при вакво снимање така што, исто е дали е автомобил или мотор – истакна Василевски.

Тој додаде дека како млади луѓе кои имале можност да видат како се работи и живее во европските метрополи, каде што се повеќе се користат алтернативни средства за превоз наместо автомобилите, решиле да придонесат за тој тренд да го пренесат и во Македонија.

– Главната и основна цел на ова видео беше да се поттикнат македонските граѓани, особено оние кои живеат во најзагадениот град Скопје. Тие секојдневно се жртви на сообраќајниот метеж. Видеото докажува и укажува на тоа дека наместо да ги користат своите автомобили, граѓаните може да се свртат кон далеку попрактично, (eco-friendly) средство за превоз – велосипедот – вели Василевски.

Според нивните очекувања акцијата била успешна, а само на мрежите и партнерите на „Конзерватив МК“ имало повеќе од 50.000 прегледи и стотици споделувања.

– Сметаме дека на некој начин дадовме и поттик на други млади луѓе да размислуваат во насока на креирање на вакви проекти со кратки содржини. На тој начин ќе влијаат врз општата свест на граѓаните и така ќе се избориме за подобра животна средина – смета Василевски.

Тој вели дека како конзервативци, природата и борбата за здрава животна средина (environmentalism) ја гледаат како заложба, а не идеологија и веруваат дека овој проблем не засега сите, без разлика на идеолошките разлики.

„Конзерватив“ претставува политичко движење базирано примарно на идеолошки и аналитички центар која во себе спојува политички и граѓански активисти чија примарна идеологија е конзерватизмот како десно или центар-десно политичка ориентација. Дел од „Конзерватив“ се активни презентери, колумнисти, активисти, социјални медиуми, официјални медиуми, невладини организации како „Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК“, институти и патриотски здруженија и слично.

 (А.П.) Фото:(П.С.)