Од Турција дојдоа во посета на родното Горно Врановци

168

Македонци муслимани со потекло од Горно Врановци и Мелница, кои живеат во Турција, го посетија родниот крај. Заедно со делегација на Општина Чили во Турција престојуваа во посета на Општина Чашка, со која се збратимени, а идејата е да се обнови хотелот во Горно Врановци, каде што ќе можат да престојуваат кога ќе дојдат во родниот крај.

Делегацијата ја предводеше градоначалникот на Чили, Селим Утку Ѓумуркчу, заедно со неговиот заменик, претставници на Советот, на јавни институции, иселеници и бизнисмени. Во Чили со 200 илјади жители во двете населени места Мелтепе и Јини Mахале живеат најмногу Македонци муслимани иселени од Горно Врановци и Мелница, а во поширокиот регион на Измир има и над 40 илјади Македонци муслимани, по потекло од Горно Врановци и Мелница. Тие се иселениците и нивните потомци, кои се иселиле од 1951 до 1958 година во Турција.

Целта на посетата беа своите и родните огништа на предците и воедно да се договорат со градоначалникот на Општина Чашка како да го преземат на управување запуштениот хотел во Горно Врановци, кој петнаесетина години стои руиниран.

Првичната идеја е тој да се пренамени во турска куќа каде што ќе престојуваат иселеници од Горно Врановци. Воедно да биде и место за одмор и воздушна рехабилитација на сите што ќе сакаат да дојдат од Турција и да престојуваат во прекрасното Горно Врановци.

Општинските делегации разговараа и за можноста да се отвори и економска зона и за други проекти во Општина Чашка, а во која би инвестирале бизнисмени од Р.Турција и Македонците иселеници од Општина Чили и реонот на Измир.

 

Градоначалникот на Општина Чили од реонот на Измир, Селим Утку Ѓумуркчу, информира дека со својот домаќин, градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, разговарале за реновирање на хотелот, кој би бил наменет за иселениците Македонци при престој во Горно Врановци. Разговарале и за отворање економска зона во Општина Чашка, во која би можеле да инвестираат и бизнисмени од Турција.

– По враќањето во Чили, целата документација за хотелот во Горно Врановци и економската зона ќе ја презентираме пред нашите бизнисмени. Се надеваме дека тие ќе ја прифатат нашата идеја за хотелот и за другите планови, информира градоначалникот Ѓумуркчу.

Тој потенцира дека двајцата се млади градоначалници, но се надева дека во иднина за двете општини ќе направат големи и успешни проекти.

– Вашиот градоначалник нè посети три пати, а ова е наша прва и се надевам дека меѓусебните посети, пријателства и соработки ќе ги интензивираме, најави Ѓумуркчу.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, потенцира дека ова е историски ден за нив, бидејќи првпат во посета им се градоначалникот на збратимената Општина Чили и неговиот заменик, како и делегација на Општината и Советот од јавни институции и бизнисмени и претставници на Македонците муслимани – иселениците во Турција што потекнуваат од ова село.

Тој потсети дека кога Македонците муслимани од 1951 до 1958 година се иселиле од селото Горно Врановци во Турција и го оставале имотот.

– Со давање на овој хотел во Горно Врановци што 15-тина години е руиниран и запуштен, а тие самите да го реновираат и да го уредат, ние како Општина Чашка ќе им дадеме корен во кој ќе можат да дојдат кога ќе посакаат и тие, и нивните деца, и внуци, за да знаат од каде потекнуваат. Затоа што сега кога доаѓаат, за жал, нема каде да се сместат при престојот во родното село Горно Врановци, појасни градоначалникот Стојановски.

Делегацијата од Општина Чили потоа посети некои историски спомен-куќи од НОВ во селото, а потоа и блиското село Мелница, населено и сега со Македонци муслимани, а од каде што исто така има Македонци муслимани иселени во Турција.

Со солзи радосници повторно во родната грутка

Пред зградата на Општина Чашка градоначалникот и советниците, заедно со неколкуте новинари, ги очекуваат гостите од пријателска Турција. Прво ја посетуваат општинската зграда, каде што двајцата градоначалници водат разговори, а потоа и просторијата на Советот, каде што се собираат на заедничка маса.

Оттаму сите заедно се упатуваат кон живописното село Горно Врановци, каде што на влезот на селото, веднаш под џамијата, која за време на војната служела и како болница, ги пречекуваат сегашните жители по националност Албанци, а кои се населиле во селото по нивното иселување.

Така, според обичајот, девојки и девојчиња во народни носии ги пречекуваат гостите со вкусни мекици на послужавник за добредојде. Потоа на заедничка маса гостите и домаќините ги послужија и со пресно сукана кора со сирење и други солени специјалитети, кои утрото рано ги направиле вредните жени од селото. На крајот сите се заблажија со вкусна баклава со ореви и шеќерпаре.

Меѓу тие што ни посакаа добредојде и нè послужија прва беше 19-годишната Кериме, која нè запозна со животот во селото.

– Убаво се живее во Горно Врановци. Има многу млади во селото, иако некои се отидени на работа во странство, вели Кериме. Таа од неодамна работи во една фабрика во Велес и вели дека работата ѝ е одлична.

Во турската делегација се наоѓа и 73-годишниот Муамет Ѓушиновски, роден во Горно Врановци. Тој со семејство заминал од родното Горно Врановци во Турција во 1956 година, кога имал 10 години и завршил трето одделение во селското училиште.

Видно среќен што повторно е во родната грутка, ни раскажуваше дека 63 години на сон доаѓал до Чашка, ја гледал и џамијата во Горно Врановци, ама не можел да влезе во селото. Сега тој негов сон се оствари, стана реалност. Ни изјави дека од радост неговото срцо посилно чука, бидејќи е тука во родната грутка и е многу среќен.

– Кога сонував, се будев од сонот, ми недостигаше нешто, чувствував празнина во душата. Голема и тажна е нашата иселеничка приказна. Има голем број иселеници во поодминати години кои често доаѓаат во Горно Врановци и Мелница во родната грутка.

Но има и такви кои не дошле сè уште, а имаат голема желба да дојдат и да останат некој ден. Затоа ние сме дојдени, очекуваме градоначалниците да најдат решение, а тоа да биде прифатено од двете страни и хотелот повторно да заживее за да имаме каде да доаѓаме. Јас имам четири деца и две внучиња и сакам приказната за родното село да им ја раскажам тука, за и тие тука да ја доживеат, најавува Ѓушиновски.

Ни појаснува дека неговиот пат од родното Горно Врановци го однел во Каршијака, а бидејќи целиот имот го оставиле во родното село, на почетокот живееле сиромашно, но напорно работеле за да успеат.

Тој се присетува дека како мал претпладне продавал весници, а попладне напорно учел. На 32 години станал и директор на најголемата гимназија, а на 45 години бил директор на сите училишта во Каршијака, од каде што и се пензионирал.

Тој информира дека во 1992 година го основал и Фолклорниот фестивал во Каршијака, на кој настапиле и деца оттука, преку што двете општини се запознавале, а оваа пролет и се збратимиле, што било негова иницијатива.

Ѓушиновски информира и дека преку овој фестивал тие ги оживуваат и македонската култура, обичаи и фолклор што ги имале во Горно Врановци. Воедно, иселените Македонци муслимани во Турција своите ора ги играат и на нивните свадби на отворено.

Керим Арслановски има 42 години и е матичар во Малтепе – едно од двете најбројни македонски маала во Општина Чили, каде што е и роден и живее. Тој, исто така, е поканет во делегацијата на градоначалникот и вели дека е пресреќен што е дојден во родното село на своите предци и родители.

Моите дедовци се родени и живееле во Горно Врановци, а тука се родени и мајка ми и татко ми. Но уште како мали се иселени во Турција. Сакав да дојдат и ова е моја прва посета по покана од градоначалникот Ѓумуркчу, потенцира Арслановски, кој рече дека со најавата за реновирање на хотелот ќе може да се оствари желбата на многу иселени да го видат својот роден крај.

Тој зеде грутка земја и рече дека ќе ѝ ја однесе на својата мајка да ја израдува, но потенцира дека се надева оти наскоро ќе ја донесе и неа во родното Горно Врановци.

Хотелот да биде за иселениците и спортско-рекреативен и рехабилитациски центар

Акан Усамнас, сопственик на два колеџа, дел од делегацијата од Измир, е воодушевен од селото Горно Врановци и му се допаѓа идејата за обновување на хотелот, а според неговата замисла, освен за иселениците, тој може да има повеќе намени и континуирано да се користи во текот на целата година.

– Освен за Македонците иселеници, овој хотел може да биде и здравствено-рехабилитационен и скијачки центар, воедно и да се организираат и тримесечни кампови за нашите ученици, вели Усамнис.

Тој појаснува дека кога ќе се врати во Турција, оваа идеја ќе им ја предложи на своите колеги бизнисмени. Потоа сите заедно со градоначалникот треба да се договорат за што сè ќе го наменат овој хотел, кој се наоѓа во прекрасна природа во убавото Горно Врановци.

Голема е заложбата на двете страни што поскоро да стане пријатно катче, каде што повторно ќе може да доаѓаат Македонците иселени во Турција заедно со своите деца и внуци, за тука во родната грутка да им ја раскажуваат својата животна приказна.