Од трансфер бомба до најголемо разочарување

657

Летниот и зимскиот преоден рок знаат да бидат максимално стресни како за тренерите, така и за менаџерите и клупските челници. Постојано се прашуваат дали ќе го купат вистинскиот играч и колку ќе треба да одвојат за неговото обесштетување, а како што се ближи крајот на преодниот рок, така потезите стануваа паничи и често пати истите се покажуваат како грешни.

Има и трансфери кои се планирани со месеци, бидејќи за играчот интерес покажале неколку клубови. Клупските челници се на седмо небо кога ќе се реализира таков трансфер, но за неколку месеци, играчот се покажува како големо разочарување. Направената анализа покажа дека овие пет играчи се покажале како трансфер промашување кога е во прашање првата половина од актуелната сезона.

ФРЕД (од Шахтјор Донецк во Манчестер Јунајтед за 59 мил. евра)

Бразилецот изминатата сезона одигра 37 натпревари на кои постигна четири погодоци и запиша седум асистенции. Со право беше именуван за еден од најдобрите играчи во дресот на актуелниот шампион на Украина. Жозе Мурињо го доживеа како идеално решение за средниот ред, но Фред одигра катастрофално лошо во изминатите неколку месеци. Фред одигра 14. натпревари во актуелната сезона, на последните натпревари ги следеше од клупата за резервни фудбалери или од свечената ложа на “Олд Трафорд”. За среќа, Бразилецот има нова шанса да се докаже кај новиот менаџер на “црвените ѓаволи”, Оле Гунар Солскер.

МАЛКОМ (од Бордо во Барселона за 30 мил. евра)


Рома ги договори сите детали околу трансферот, а клупските челници беа на аеродромот каде се беше подготвено за пречекот на Бразилецот. Сепак, во последен момент, авионот го смени правецот на движење и се упати кон Барселона. Иако станува збор за квалитетен играч, Барса буквално нема потреба од услугите на Малком кој е во втор план поради одличните партии на Осман Дембеле. Сезонава има одиграно само 296 минути, а пред неколку недели заработи и посериозна повреда. “Кориеде дело Спорт” пишува дека Бразилецот зажалил за трансферот на “Ноу Камп” и дека му е криво што не се преселил во редовите на Рома.

МАРИЈАНО ДИЈАЗ (од Лион во Реал М. за 22 мил. евра)


Со заминувањето на Кристијано Роналдо во редовите на Јувентус, европскиот клупски шампион, тимот на Реал (М) се најде во една незавидна ситуација затоа што имаше само еден класичен напаѓач. Карим Бензема не може да биде единствената опција цела сезона, па “кралскиот клуб” се одлучи за еден повеќе од чуден потег, да го купи Дијаз една година подоцна откако го продаде на Лион за 8 мил. евра. Интернационалецот од Панама ја доби седумката на Роналдо, но се покажа како големо промашување. На 13 одиграни натпревари, Дијаз постигна еден погодок и заработи повреда поради која не тренира веќе еден месец.

ЖАН МИШЕЛ СЕРИ (од Ница во Фулам за 30 мил. евра)


По двете успешни сезони во дресот на Ница, Сери важеше за голема желба на најбогатите европски клубови. Дури и легендарниот капитен на Барселона, Чави, изјави дека 27-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска во себе ја има ДНК на каталонскиот гигант. Сите очекуваа голем трансфер на Сери, но тој беше купен од новајлијата во англиската Премиер лига, тимот на Фулам. Одличниот играч за врска требаше да биде темелот на силниот Фулам, но четири месеци подоцна, ситуацијата е сосема поинаква. Фулам е претпоследен во домашниот шампионат иако фактите говорат дека има тим кој треба да се бори за повисоките места во Премиер лигата. Сепак, Среи на ја оправда вложената парична сума во неговиот трансфер. Поранешниот фудбалер на Ница ги одигра сите натпревари во актуелната сезона на кои постигна еден погодок и запиша две асистенции.

АЛЕКСАНДАР ГОЛОВИН (од ЦСКА М. во Монако за 30 мил. евра)


Можеби и најголемо разочарување испадна репрезентативецот на Русија кој беше едно од најпријатните изненадувања за време на Светското првенство во 2018 година. Младиот играч за врска на ЦСКА од Москва беше главна алка во репрезентацијата на Русија која беше елиминирана од Хрватска во 1/4 финалната рунда од Мундијалот. Иако на неговата адреса пристигнаа далеку побогати понуди, Головин се реши за таа на францускиот гигант Монако. Требаше да биде главен играч во тимот на Леонардо Жардим, но Русинот максимално ги разочара клупските челници и најверните фанови. На почетокот од сезоната заработи потешка повреда на скочниот зглоб, но кога се врати на зелениот тренер, Головин беше само бледа сенка од времето кога го носеше дресот на ЦСКА М. На одиграните 13. натпревари, Александар запиша само една асистенција и како целиот тим на Монако, никако не може да се врати во посакуваната форма. Головин игра под очекуваното ниво и под водство на новиот тренер на Монако, Тјери Анри.