Од странските кредити за капитални инвестиции потрошени 23,6 милиони евра од планираните 148 милиони за годинава

Најголемо потфрлање има кај приходите од патарините од кои се наплатени само 14,5 од вкупно 49 милиони евра планирани за годинава. Тоа е еднакво на 29,74 проценти од планираниот приход по оваа основа за 2020 година и помалку за 20,46 отсто од остварениот лани

90

Јавното претпријатие за државни патишта во првите шест месеци од годинава значително потфрлила во реализирањето на капиталните инвестиции со странски кредити. Според полугодишниот извештај, за годинава се планирани инвестиции со странски кредити во вредност од 148,5 милиони евра, а во првото полугодие потрошени се 23,6 милиони. Тоа е половина од реализираното во истиот период лани.

Со странски кредити се градени автопатот Кичево-Охрид, за кој во првото полугодие се потрошени 4,7 милиони евра и делниците Штип-Радовиш и Ранковце-Крива Паланка.

Дури 59 проценти од проектите ЈПДП ги реализира со странски кредити, а останатите 41 процент со свои пари. Од странските кредити 63 проценти се од ЕБРД, 20 проценти од кинеската ЕКСИМ банка и 17 проценти од Светска банка.

Извештајот на ЈПДП за првите шест месеци од годинава покажува и дека намалените патувања во период на пандемија на кои посочуваат и податоците од Државниот завод за статистика, ги стопија приходите од патарини. Во првото полугодие од годинава реализирани се само 29,74 проценти од планираните приходи за оваа година. Или, од вкупно предвидените 49 милиони евра за 2020 година, во првите шест месеци наплатени се 14,5 милиони. Тоа е 80-тина проценти од реализираното во истиот период лани.

-Приход остварен од надоместокот за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (патарина) во износ од 892.140.435 денари, односно 29,74% од вкупно планираниот приход по оваа основа за 2020 година. Во споредба со истиот период од 2019 година, приходот врз оваа основа е помал за 20,46%, односно за 229.530.675 денари. Висината на тој надоместок е определена во зависност од должината на делницата на која се наплаќа надоместокот и од категоријата на возилата во согласност со одлука донесена од Владата, стои во полугодишниот извештај на ЈПДП.

Од патната такса што се наплаќа при регистрација на возилата ЈПДП инкасирало 14,5 милиони евра, што е 45,75 проценти од планот за годинава. Од акцизата на нафтените деривати во ова јавно претпријатие во првите шест месеци од годинава се слеале 22,6 милиони евра, што е 45 проценти од она што треба да се собере во целата оваа година. Во однос на истиот период лани, оваа година тој приход е малку поголем. До крајот на годинава планирано е од акцизата во касата на ЈПДП да влезат над 50 милиони евра.

Вклучувајќи ги приходите од камати, курсни разлики и од други извори, во првата половина од годинава ЈПДП собрало вкупно околу 60,2 милиони евра од планираните 133,3 милиони евра за целата оваа година. Тоа е реализација на планот од малку над 45 проценти.

Во делот за расходи во полугодишниот извештај стои дека во првото полугодие потрошени се 45 милиони евра, од вкупно планираните како трошок за оваа година над 93 милиони евра.

ЈПДП сега има 484 вработени, што е за 18 повеќе отколку на крајот на минатата година. Просечната плата што се исплатува во претпријатието е 30.522 денара и е за околу 300 денари над ланскиот просек.

(С.В.)