„Од спознанието до…“ е наслов на изложбата на уметниците Трајче Чатмов и Спасе Перовски, која на 9 декември (19 ч) ќе се биде отворена во Центарот за култура “АСНОМ“ во Гостивар. Авторите ќе се претстават со по дваесетина дела.

“Изложбата на која се претставени Трајче Чатмов и Спасе Перовски носи наслов ‘Од спознанието до…’, при што трите точки на крајот тенденциозно оставаат простор за различни исчитувања, како што се различни сензибилитетите и авторскиот ракопис на двајцата уметници. Спасе Перовски издвојува фрагменти од животот, ги сецира на рамниште на микроуниверзуми со аморфни, накај кружни до строго геометриски форми и ги претставува во најчесто смирен земјен тоналитет (со контрасти на сина) врз монохромна позадина, до фрагменти на актови и фигурација. Сликите на Трајче Чатмов, пак, изобилуваат со сложени композиции со експресивна динамика и нагласен колорит во вриеж од разнобојни линии кои ја дефинираат формата на фигурите и нарацијата која се движи од интимни моменти до митолошки и религиозни сцени“, вели кураторката на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска.

Таа во најавта на заедничката изложба на двајцата уметници исто така додава: “Впрочем, од формално гледиште, веројатно единствената нитка која ги поврзува двајцата уметници и пријатели веројатно е (с)познанието односно познавањето од најрана возраст, при што секој е засебен и различен еден од друг во креативните процеси според Аристотеловата изрека ‘Спознанието на себе си е почеток на сета мудрост’”.

Инаку, авторот Чатмов посочи дека на заедничка изложба се одлучиле од причина што се познаваат цел живот и сакаат да ја прикажат таа нитка низ комплетната спротивност во ликовниот пристап.

Спасe Перовски (1971,Велес), во 1997 дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. Рубенс Корубин. Организирал дваесетина самостојни изложби, учествувал на повеќе ликовни колонии, семинари и симпозиуми, како и повеќе групни изложби во Македонија и надвор.

Трајче Чатмов пак, (1971, Скопје), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 1996 под менторство на проф.Рубенс Корубин , а постдипломски завршува 1998/9 под менторство на проф. Родољуб Анастасов.

Има организирано триесетина самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби во Македонија и странство. (Д.Т.)