Од Самитот ќе добиеме ветување за проширување, за нешто плус ќе почекаме!

Иако неформален, политичкиот врв на земјите од регионот, утрешниот Самит го гледаат како можност за кристализирање на заедничкиот став на ЕУ-членките кон проширувањето, но и како можност за деблокирање на пристапниот процес, што може да ги помести напред надежите на Македонија и Албанија за промени во врска со нивното членство, можеби и до крајот на годинава. Ден пред средбата на европските членки, медиумите повикувајќи се на  диполоматски извори, ја пренесоа последната вест: дека процесот на проширување ќе зависи и од реформскиот учинок на кандидатите, но и од капацитетот на ЕУ за апсорпција на нови членки

207

Надежта што ни ја влеа посетата на двајцата високи европски дипломати Урсула Фон дер Лајен и Оливер Вархеји, која  од веста на Ројтерс дека ЕУ повеќе не може да им го гарантира членството на балканските земји, се претвори во парализа пред денешниот европски Самит во Брдо кај Крањ, уште еднаш ја потврди политиката топло-ладно на европските челници. Ден пред утрешната средба на европските членки, медиумите повикувајќи се диполоматски извори ја пренесоа и веста дека процесот на проширување ќе зависи и од реформскиот учинок на кандидатите, но и од капацитетот на ЕУ за апсорпција на нови членки.

Дипломатски извори на германската агенција ДПА, кои ги пренесе „Дојче веле“, велат дека на дополнувањето инсистирала француската влада, која на овој начин сака да ја задржи можноста да го блокира приемот на нови членки доколку ЕУ во наредните години не се реформира доволно согласно со француските очекувања. Така, шесте земји аспиранти за членство од Западниот Балкан и натаму остануваат без целосно јасни шанси за полноправно членство во ЕУ.

Со тоа се потврди и веродостојноста на претходно лиферуваната информација од „Ројтерс“ дека  „ЕУ, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, веќе не може да се согласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји“.

Премиерот Зоран Заев, од денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, пак, очекува јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Унијата и дека ЕУ преку лидерите во Европскиот совет ќе испратат силна и мотивирачка порака за продолжување на максимален фокус на ЕУ кон интеграциите на Западен Балкан во ЕУ.

Во однос на оптимизмот во преговорите со Софија, Заев, рече дека има позитивно придвижување во разговорите меѓу претставниците на МВР и дека се надева периодот октомври, ноември и декември да биде максимално искористен за работа и посветеност за изнаоѓање решение.

–  Се работи за патоказот, којшто треба да биде, нешто што ќе значи преземање обврска од двете страни за унапредување на ефикасноста во соработката согласно Договорот за добрососедство. Вториот аспект е дека во декември на Советот на министри на ЕУ се носи одлуката, а до тогаш ќе имаме завршено избори и во Северна Македонија и во Бугарија. Трето е, драфтираната верзија која се подготвува на Самитот ЕУ-Западен Балкан за сериозната фокусираност и посветеност на ЕУ за продолжување на процесот за евроинтеграциите на Западен Балкан, изјави Заев. (Е.А.)