Од премногу реформи, учениците останаа без книги!

55

-Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој додаде и дека главна причина за доцнењето на учебниците во основното образование биле воведените реформи и дека само одделенијата кои учат по нова програма имаат проблеми со учебниците, додека кај другите ученици, иако со задоцнување, тие сепак се доделени. Родители коментираат дека и по сите образовни реформи кои изминативе децении се направија во нашата држава децата се сè понеписмени и со помалку знаења. И претседателот на Сојузот на средношколци на Македонија, Лука Павиќевиќ, смета дека додека образовните програми се менуваат, единствената константа е неквалитетот на образованието. По изјавата на министерот, од МОН денес попладне соопштија дека се одобруваат нови учебници за средно стручно образование и истите етапно ќе се печатат во следниот период

Каде има, а каде нема учебници, во основно или во средно? Има ли пари за учебници или не? Дали најавениот нов Закон за учебници во основното и средното образование ќе донесе квалитетни книги за учениците? Што ќе донесе, пак, повикот на Министерството за образование и наука за менување на постојните наставни програми во основното и средното образование? Дали ова ќе значи ново реформирање на националниот образовен систем? Сите овие прашања си ги поставуваат и родителите и наставниците кои се најзасегнати за образованието на своите деца и ученици.

Родители коментираат дека и по сите образовни реформи кои изминативе децении се направија во нашата држава децата се сè понеписмени и со помалку знаења.

-Дали е нормално да има матуранти кои со знаењата се на ниво на прва година средно и полуматуранти кои немаат базични вештини – да читаат и пишуваат?, прашува еден родител. Друг родител, пак, констатира дека од досегашните реформи, според него, имало само лоши наставни програми, експериментални премети, од кои децата немаат корист, и неквалитетни учебници.

-Реално немаме пари за учебници по сите предмети во средното образование, изјави деновиве на телевизиско гостување министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој додаде и дека главна причина за доцнењето на учебниците во основното образование биле воведените реформи и дека само одделенијата кои учат по нова програма имаат проблеми со учебниците, додека кај другите ученици, иако со задоцнување, тие сепак се доделени. Рече и дека ќе вложи максимални напори да не се повтори учениците повторно да останат без учебници.

-Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме учебници за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува, рече министерот за образование. Посочи дека сè уште не се размислува за опцијата учениците сами да си ги купуваат учебниците.

Претседателот на Сојузот на средношколци на Македонија, Лука Павиќевиќ, пак, смета дека додека образовните програми редовно се менуваат, единствената константа е неквалитетот на образованието.

-Јас би кажал дека ако реформите во нашиот образовен систем се некоја целовремена иновација и дека постојано се најавуваат нови реформи последните триесетина години, единствено нешто што е континуитет е неквалитетот. Конкретно, ако зборуваме за учебниците, јас кога бев во основно имаше некои учебници каде што пишува со некакви графички описи дали луѓето од бела раса биле влакнести по кожата, луѓето од црна раса не биле, па се дефинираа луѓе од жолта раса. Сега добивме учебници каде што Бугарија е наш западен сосед, а Албанија наш источен сосед, рече Павиќевиќ, посочувајќи дека учениците можат да се снајдат и без учебници, но кога ги имаат, квалитетот на знаење е поголем.

Ставот на Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, е дека во образованието владее тотален хаос и дека не може учениците цела година да бидат оставени без учебници.

– Учениците се незадоволни од тоа што немаат учебници. Учебници мора да има, ги нема ни дигиталните кои ги најавија, а не се ни спремни за тоа. Процедурата за учебник не е долга, има кратки рокови, но треба навреме да се почне. Пред некој ден од МОН пратија упатство за заштита на учениците, каде што се бара огради околу училиштата, а во 260 училишта има 1 до 13 деца. Наместо да се насочат средствата за учебниците или за наставен кадар, парите се трошат непродуктивно, рече Јаневска. Истакна и дека не може во три години да им се менуваат на учебниците три различни концепти.

-Кога беше најтешко во пандемија, кога имаше онлајн настава почнаа реформа во образованието и тоа без учебници. Почнаа да прават таква драстична промена што никој не можеше да се адаптира и се гледа дека цела Македонија се крена на нозе против таа реформа која не е добра, додаде Јаневска. Според неа, се уништуваат учениците, кои иако имаат капацитет, со ваквиот систем не можат да го достигнат својот максимум.

Изјавата на министерот Шаќири дека „реално немаме пари за учебници по сите предмети во средно образование“ ја оцени како недолична од повеќе аспекти.

-Имено, МОН оваа година има буџет од 450 милиони евра, тој е за 8,4% поголем од буџетот за 2022 година, а Шаќири при неговата презентација во Владата на почетокот на годината се фалеше дека се гордее со буџетот кој е развоен и ќе има и за нови инвестиции, и за учебници и за поголеми плати. Од многу фалење стигнавме до немање пари, па оттука прашуваме на што се трошат 450 милиони евра пари кои МОН ги има во буџетот, ако нема пари за учебници? Да потсетиме дека оваа Влада немаше пари ниту за свидетелства, кои доцнеа, ниту за учебници во основно кои ги печатеа за еднократна употреба, додаде Јаневска.

Инаку, најновото истражување на јавното мислење, кое за дебатната емисија „Детектор“ го спровел Институтот за политички истражувања Скопје, покажало дека 57,3 отсто од граѓаните сметаат дека државава има неквалитетно образование, наспроти 35,6 отсто кои се убедени дека има квалитет.

Граѓаните се најнезадоволни од квалитетот на учебниците. Дури 64,8 отсто од нив изразиле незадоволство од квалитетот на учебниците додека како задоволни се изјасниле само 19,6 отсто. Од наставните програми, исто така, има големо незадоволство – 56,8 проценти од граѓаните рекле дека не се задоволни наспроти 22,1 отсто кои рекле дека се задоволни. Од наставниот кадар не се задоволни 44,8 проценти од анкетираните, додека 36 проценти немаат проблем со наставниците. Анкетата на ИПИС била спроведена од 28 февруари до 3 март годинава врз репрезентативен примерок од 1.107 испитаници. (Н.И.Т.)