Од почетокот на руско-украинскиот конфликт:САД и нивните сојузници замрзнале имоти на руски олигарси во вредност од 30 милијарди долари

84

Мултинационалната работна група (РЕПО), чија цел е да го заплени богатството на руските олигарси, замрзна 30 милијарди долари имот и средства на поединци против кои беа воведени санкции во првите 100 дена од нејзината работа, соопшти американското Министерство за финансии.

Освен јахти, други пловни објекти и луксузни недвижности, блокирани се и 300 милијарди долари од средствата на руската централна банка, објави агенцијата АП.

„Цената на војната за Русија продолжува да биде се поскапа“, се наведува во соопштението на работата на Мултинационалната групација.

Групата беше основана во март 2022 година од страна на американската секретарка за финансии Џенет Јелен и државниот обвинител Мерик Гарланд во соработка со неколку земји и Европската комисија кои истражуваат и гонат олигарси и други поединци кои се сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Гласот на Америка.

На почетокот на месецот, групата објави воведување санкции против Годо Нисанов, еден од најбогатите луѓе во Европа и Алексеј Мордашов, кој важи за еден од најбогатите руски милијардери.

„Членовите на РЕПО групата ќе продолжат да го следат имотот што е под санкции и да спречат поткопување на воведените мерки“, се наведува во соопштението на американското министерство.

Дел од стручната правна јавност изрази загриженост дека луѓето кои немаат врска со војната може да бидат погодени од ембаргото – апелираа на претпазливост за да не бидат казнети невини луѓе.

Американските власти одговорија дека во воените околности што ја предизвикаа глобалната прехранбена криза, се обидоа да постигнат максимален ефект од санкциите врз одредени лица и субјекти, притоа обидувајќи се да не преплават што може да влијае на глобалните пазари за стоки и залихи на храна.