Од понеделник се скратува полицискиот час во Грција

55

Полицискиот час во Грција од понеделник, наместо од 21, ќе почнува од 22 часот, нешто што ќе важи и за Велигден, додека пак од 3 мај заедно со отворањето на угостителските објекти ќе се скрати за уште еден час, во рамите на владиниот план за постепено олабавување на рестрикциите.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека новите мерки дополнително ќе бидат детално разработени и во однос на задолжителното испраќање смс пораки за движење на граѓаните и во однос на планот за велигденските празници.

Пред и за Велигден, црквите и соборните храмови ќе работат под специјални здравствени протоколи, дозволено е едно лице на 25 метри квадранти во внатрешноста и едно лице на 10 метри квадратни во надворешните делови.

Пелони објасни дека за верниците е задолжителна употребата на две маски, додека пак за поповите, свештените лица и останатиот црковен персонал, задолжителен ќе биде селф тест, односно брз тест за домашна употреба.

Во недела на Велигден, дозволен е собир во домовите на најмногу две семејства до девет лица, а доколку е во надворешен простор дозволени се 12 лица од две семејства.

Паралелно, ќе бидат интензивирани и контролите на полицијата во деновите пред и за време на Велигден, со оглед на тоа дека сѐ уште постои забрана за движење меѓу региони, односно патување од еден во друг град.

Во однос на процесот на имунизација, портпаролката на грчката Влада, рече дека во следниот период, во зависност од пристигнувањето на пратките со вакцини, центрите за вакцинација ќе работат со продолжено работно време до 22 часот.

-Дополнително, со законската одредба што ќе биде донесена во Парламентот во наредните денови ќе има можност вакцинирање да се вршат и во приватни клиники, дијагностички лаборатории и клиники. Процените се дека капацитетот на системот, во мај ќе биде над 2,5 милиони вакцинации и 4 милиони вакцинации во јуни, објасни Пелони. 

Извор: МИA