Од понеделник почнува со работа народна кујна во општина Зрновци

207

Социјално загрозените лица во Зрновци од почетокот на наредната недела ќе добиваат по еден оброк дневно, за што логистичка поддршка ќе ја обезбеди општината, а храната ќе се подготвува во кујната на градинката „Бисерчиња“. За таа цел, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Кочани потпиша договор со локалната самоуправа и со детската градинка „Бисерчиња“ од Зрновци.

– Иако се работи за многу мала рурална општина, од направените истражувања на терен констатиравме дека десетина лица живеат во исклучително лоши социјално-економски услови и за нив е неопходно да се обезбеди дневен оброк. Во наредниот период ќе продолжиме да ја следиме состојбата и доколку се јави потреба бројот на лицата опфатени со проектот може да се зголеми за уште толку – изјави раководителот на Центарот за социјални работи од Кочани, Кирил Ковачев.

Проектот за отворање народни кујни веќе функционира во другите две општини кои ги покрива меѓуопштинскиот Центар за социјални работи, при што во Кочани дневно се делат 46 оброци, а во Чешиново – Облешево храна добиваа 10 лица.