Од понеделник деветто издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

102

На 20 јули почнува деветтото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“ во охридското село Трпејца.

И оваа година манифестацијата ќе понуди најразновидни културно-забавни содржини – изложби, презентации, концерти, како и спортски настани.

Отворањето е резервирано за изложбата на ракотворби – филигран со срма од Дијана Велјаноска, по потекло трпејчанка. Музички отворањето ќе го збогати пејачката Верица Пандиловска.

Наредните денови следуваат промоции на книги, проекции на филмови, средби со уметници, поетски читања. За музичкиот дел ќе се погрижат неколку уметници од сите возрасни генерации, сите со почитување на протоколите што ги налага заштитата од КОВИД-19.

И оваа година ќе се одржи театарската работилница со деца летувалци и деца од Трпејца и на сцена заедно ќе прикажат што научиле, а ќе биде отворена и изложба на дела од Втората интернационална колонија „Трпејца 2019“. Тука се и работилницата „Цртаме на зајдисонце“ и вечерната променада со млади уметници кои ќе музицираат од кајче.

Во текот на деветте дена во Трпејца ќе се одржат и традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“, излетот до Чоколско во соработка со НП „Галичица“, како и натпреварот „Фаќаме риба на јадица“.

И годинава покровител на манифестацијата е Општина Охрид, а покрај Министерството за култура ова издание финансиски првпат ќе биде помогнато и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други спонзори.

Извор:МИА