Од опасен отпад се увезуваат отпадни акумулатори за преработка

288

Албанија и Косово се дестинациите од каде што во нашата земја се увезува отпад, кој потоа се преработува во соодветни капацитети. Најмногу увезуваме железо и челик, како и отпадни акумулатори, но се увезува и отпадна хартија, пластичен отпад, отпадни сечкани гуми. Ова за МИА го изјави раководителката на Секторот за управување со отпад, при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Ана Мазнева-Каранфиловска.

Таа вели дека се увезува и опасен и неопасен отпад, но и се извезува опасен и неопасен отпад и сето тоа е регулирано со унифицирани документи.

– Како увозник на отпад може да се јават компании со дозволи за преработка и третман на отпад. Тие го увезуваат отпадот, го преработуваат и добиваат одреден производ или полупроизвод. За отпадните акумулатори постои преработувачки капацитет во земјава со добра технологија и соодветна дозвола од кај нас. Законот е дециден, само тие компании кои преработуваат отпад може да го увезуваат. Отпад заради депонирање или складирање е забранет за увоз – вели  Мазнева Каранфиловска.

dav

Таа нагласува дека во последните неколку години повеќе се извезува, отколку што се увезува отпад.

– За 2014 имаме издадено вкупно 52 вкупно дозволи за увоз, извоз и транзит, од кои од овие 10 се за увоз на отпад, остатокот се транзит и извоз, најголем дел се извезува. Имаме години како на пример во 2017, кога имаме издадено 269 дозволи, од кои само 64 се за увоз, а остатокот се извозот од земјата. Имаме една инсталација која произведува гориво и една инсталација што сечканата гума ја користи како дополнително гориво од основното гориво во индустријата – појаснува таа и нагласува дека некогаш и неопасниот отпад може да биде опасен ако со него не се постапува како што треба.

Според неа, и комуналниот отпад кој е неопасен ако го оставите да изгние и да развие микроорганизми може да предизвика зарази, може да донесе глодачи итн.

– И тој во одредени услови е опасен по човековото здравје иако сам по себе тој е неопасен отпад – рече Мазнева Каранфиловска.

Од Државниот инспекторат за животна средина за МИА велат дека во 2019 година се издадени една наредба за прекин на работењето, 46 прекршочни, шест кривични пријави и казна од 100.000 евра. Хусни Тачи од Инспекторот посочува дека забраната за работа е издадена на компанијата „Пејпермил“ од Кочани, која се занимава со преработка на картон.

– Кај нив се утврди дека има надминување на граничните вредности на емисиите особено на ЦО и ЦО2. Меѓутоа тие во меѓувреме поставија филтер и ги сведоа параметрите на загадувањето на ниво на дозволата – наведе Тачи.

Во собраниска процедура се предлог на измените на законот за управување со отпад, поднесен од ДОМ со кој се бара забрана за увоз на отпад како извор на енергија. Мазнева Каранфиловска вели дека дозвола за користење како извор на енергија се издава само на две инсталации во државата.

– Најголемиот дел од отпадот се увезува заради преработка и поради тоа ваквите измени не би смениле многу во однос на амбиенталниот воздух – нагласува таа.

И додека со предложениот закон се инсистира на укинување на увозот на отпад како извор на енергија, од МЖСПП сметаат дека за ограничување на увозот мора да се направат претходни пошироки консултации и анализи бидејќи земјата е потписник на Базелската конвенција и со тоа може да се излезе надвор од европските стандарди, но стравувањата се и дека европските земји во тој случај нема да сакаат да го увезуваат нашиот отпад.